Посета на припадниците на Армијата на Република Македонија во касарната „Илинден”

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов на првиот ден од Новата 2015 година ги посети припадниците на Армијата на Република Македонија во касарната „Илинден” во Скопје.

Честитајќи им ја Новата година, претседателот Иванов од негово лично име, но и од името на сите граѓаните на Република Македонија на припадниците на АРМ им искажа благодарност за се она што го прават за одбраната и за мирот во земјата. Тој упати честитки и до сите војници од АРМ кои се во мировни мисии во други земји.

Желбата на сите војници и старешини е конечно оваа година Република Македонија да го добие тоа што го заслужи и што и припаѓа, да биде членка на НАТО, изјави претседателот Иванов.

Пред претседателот Иванов рапортираа и надлежните од водот задолжен за неговото обезбедување, по што и Врховниот командант на вооружените сили го откри и камен-обележјето на армиските „волци“ каде што во иднина секој од нив ќе дава заклетва.

Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили, д-р Ѓорге Иванов беше придружуван од министерот за одбрана Зоран Јолевски и началникот на ГШ генерал-потполковник Горанчо Котевски.