Се прават последните подготовки во пресрет на утрешниот ден за кога од УХМР се најавуваат нови снежни врнежи, но со помал интензитет. Прва цел е сите села во Република Македонија да бидат проодни, а тоа се прави со помош на општините и Дирекцијата за заштита и спасување. Во меѓувреме, екипите од ЕВН работат на отстранување на дефектите за сите села да добијат струја, изјави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски по денешниот состанок на Координативното тело на Кризниот штаб.
Согласно акцискиот план, појасни тој, се очекува денеска најголем дел од населените места кои се отсечени да бидат пробиени и да може нормално да функционираат, додека, пак, во едно село во Мавровско денеска ќе се врши дотур на нафта, неопходна за агрегатите кои некои од нив ги користат.
Според Игор Гиевски од ЕВН, сите далекуводи и оспособени трафостаници работат нормално, нема нови дефекти, што укажува на фактот дека сите населени места во кризниот регион кои добија електрична енергија имаа стабилно напојување со струја.
„Најинтензивно денеска ќе се работи на потегот Жировница-Бошков мост односно подигањето на двата специјални столба од двете страни на езерото, со што се обидуваме да ја поврземе 35 киловолтната трафостаница Јанче и конечно Реканскиот крај да добие електрична енергија“, рече Гиевски.
Две инженерски екипи, истакна, се упатени на теренот, се работи со 35 електромонтери на терен кои ќе се обидат да направат се Реканскиот крај да добие струја во доцните вечерни часови или во утринските часови.
„На потегот Луково-Јабланица интензивно се работи со 18 луѓе на два скршени столба, а дополнително има две екипи на МВР, заедно со четири од ЕВН кои ќе вршат инспекции на далекуводите во селата бидејќи се работи за непристапен терен. Уверен сум дека ако не се покажат нови дефекти овие четири до пет села во овој регион денеска ќе добијат струја“, изјави Гиевски.
Тој нагласи дека се работи и на патот Охрид кон Ресен каде што екипите на ЕВН помогнати од специјалните сили на МВР со санка во помалите населени места им се овозможува снабдување со струја.
Инкау, синоќа во 19 часот целосно е оспособен далекуводот од трафостаница Шпиље до трафостаница Центар Жупа, со што сите населени места во оваа општина добија струја.
„За нас ова беше елементарна непогода, сите 35 киловолтни трафостаници беа без напон речиси два дена и од технички аспект ние направивме се за да може во најкраток рок овие населени места да добијат снабдување. Постои правен систем во државата, можат да побараат се на што им следува, но сметам дека нема потреба за таков револт затоа што само за неколку дена се санирани сите можни дефекти во тој регион“, одговори Гиевски на новинарско прашање во врска со најавени тужби од страна на жителите на отсечените села во кризниот регион.
Гајур Кадриу, директор на ЈП „Македонија пат“ информираше дека имаат ангажирано приватна фирма со годишен договор од 45 милиони денари, кои се распределени на 37 подружници. Според направената анализа, како што појасни, подобро би било да се набави нова специјална механизација, која би чинела од три до пет милиони евра.
Извор: (МИА)