Нема критични региони без електрична енергија во земјава. Остануваат мал број села, кои се во високите планински предели и поголемиот дел се ненаселени, но се создаваат услови и во текот на денот ќе добијат и тие струја, информира денеска Игор Гиевски од ЕВН Македонија.
По состанокот на Координативното тело на Кризниот штаб за последиците по снежното невреме што денеска се одржа во Министертсвото за транспорт и врски, Гиевски истакна дека вчера попладне бил ставен во функција новиот далекувод, кој беше изграден изминатите два дена на потег Бошков мост – трафостаница Јанче, со неколку специјални столба околу Дебарското езеро.
„Од 19 часот, откако беше ставена под напон трафостаницата Јанче, почнаа да се пуштаат и 10 киловолтните изводи спрема населените места, при што уште синоќа поголемиот дел од селата добија струја“, рече Гиевски.
Во попладневните часови под напон била ставена и 35 киловолтната трафостаница Луково, при што почнале со пуштање на 10 киловолтните изводи кон селата од овој регион.
„Со тоа повеќедневната акција на екипите на ЕВН Македонија во кризните региони заврши, но продолжуваме и понатаму со максимален број екипи на терен да ги санираме сите последици кои настанале од невремето. Интензивно ќе продолжиме да работиме и денеска и наредните денови за санирање и на последните ситни дефекти, кои се јавуваат на низок напон“, нагласи Гиевски.
Упати благодарност до граѓаните од кризните региони за разбирањето, екипите што работеле на терен, специјалните единици на МВР, како и на членовите на координативното тело.
Дирекцијата за заштита и спасување, како што информира директорот Шабан Салиу, интервенирале при спасување на четири лица завеани од снежните врнежи во автомобил на патот Бошков Мост – село Лазарополе.
„ДЗС спаси и четири деца и едно повозрасно лице завеани во село Гари, кои беа пренесени на безбедно место“, изјави Салиу.
Дирекцијата, додаде тој, интервенирала со 18 машини за чистење на снегот и со 14 камиони со околу 800 тони ризла на пунктовите на ЈП „Македонија пат“