Во текот на минатата недела и викендот, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење стока, при што привремено се задржани девизи, свежа риба, компјутерски делови, делови за огради, пропиленски кеси, налепници и фалсификати.
Покрај тоа откриена е и една царинска измама.
Задржана е следната стока:
Девизи
– 9.500 швајцарски франци, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при личен претрес на албански државјанин кој допатувал со лет од Цирих. Во паричникот и во џеб од кошулата на патникот пронајдени се 10.000 евра и 9.500 швајцарски франци. Согласно законските прописи, на патникот му се вратени 10.000 евра, износ што нерезидент може слободно да го внесе во државата.
Свежа риба
– 60 кгр свежа риба ципура, откриени на граничниот премин Богородица, при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во држвата. Непријавената риба пронајдена е во 6 кутии од стиропор, сместени во багажникот на возилото.
Останато
– 241 дел за огради за скали (анкери и украси), откриени на граничниот премин Јажинце, при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата. Стоката е пронајдена под предните седишта, под задното седиште и во просторот позади предните седишта на возилото.
– 234 килограми полипропиленски кеси за пакување леб, откриени на царинската испостава Гевгелија, при контрола на стока со потекло од Грција, пријавена за увозно царинење за фирма увозник од Скопје.
– 1.462 пластични и метални налепници со симболи на трговските марки откриени на граничниот премин Дојран, при контрола на товарно моторно возило марка со турски регистарски таблички, управувано од турски државјанин, пријавено за влез во државата. Непријавената стока е пронајдена во кабината на возилото, во фиоките што се наоѓаат над седиштата.
– 64 употребувани компјутерски плочи, откриени на граничниот премин Ново Село, при контрола на патничко моторно возило со бугарски регистарски таблички, управувано од бугарски државјанин, пријавено за излез од државата. Непријавените производи се пронајдени во фабричките празнини во багажниот простор, во просторот околу моторот и под предните седишта на возилото.
Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост
– 2 мобилни телефони, со ознаки на заштитени трговски марки, откриени на царинската испостава Пошта Скопје, при контрола на две пратки од Сингапур, наменети за физички лица од Гостивар и Велес.
Царинска измама
На царинската испостава Штип е откриен обид за фиктивно раздолжување на стока, претходно увезена во постапка на увоз за облагородување, при што се избегнати увозни давачки во износ од над 30 илјади денари.
Фирма од Кочани, пријавила за извозно царинење 6.724,65 метри квадратни постава од полиестер, што претходно биле увезени во постапка на увоз за облагородување, но при контрола на стоката било утврдено дека недостигаат 3.953,2 метри квадратни од пријавениот материјал. Со ваквата постапка, правното лице ја пуштило стоката во слободен промет без претходно да ја стави во пропишана царинска постапка и без да ги плати пропишаните увозни давачки за истата.
За сторениот прекршок, против правното лице и неговото одговорно лице ќе биде поведена прекршочна постапка, а воедно правното лице ќе биде задолжено да ги доплати избегнатите давачки.