Велес ќе биде Град на културата за 2015 година. Општината вторпат ја добива оваа титула која Министерството за култура ја доделува 12 години. На конкурсот за 2015 стигнале пријави и од Неготино и Струмица, а Велес бил едногласно избран од комисијата.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска на прес-конференција рече дека од Општина Велес примиле комплексна програма со над 200 настани и 67 манифестации од различни дејности, сите со точно одредени термини на одржување.
Рече дека за разлика од 2005 година – првиот пат кога беше Град на културата, Велес сега има инфраструктура и капацитет во кои ќе ги организира планираните содржини. Голем дел од настаните ќе се одржуваат во новаата зграда на Велешкиот театар, како и во обновените куќи на уметноста – куќите на Џинот, Главинов и на Касапови. Локации за настаните ќе бидат и отворениот амфитеатар, библиотеката и салата „Бели мугри“.
„Велес вторпат го добива приматот и го заслужува овој престижен статус. Сите инвестициски зафати што ги реализираше и Владата и Општината, ќе дадат огромна можност за реализација на голем број активности од програмата со која Велес конкурираше. Таа е целосно осмислена и конципирана, со крупни настани и точни термини“, рече Канческа-Милевска.
Таа додаде дека Министерството ќе ја поддржува општината во реализација на настаните, а дека покрај нив ќе инвестира и во други проекти во Велес. До крајот на годинава, посочи Канческа-Милевска, ќе биде санирана Спомен-костурницата на борците од НОБ, ќе бидат обновени фасадите од староградска архитектура на пет станбени објекти во градот (лоцирани на улицата „Јован Алабаков“) и ќе има поддршка за репертоарот на Велешкиот театар и за традиционалните манифестации во градот.
Велешкиот градоначалник Славчо Чадиев рече дека за секој настан има одреден датум и термин, така што првиот ќе биде на 18 јануари – Ноќ спроти Водици во новиот театар, а последниот настан – концерт на 31 декември 2015 во пресрет на Новата година. Тој го претстави и логото за Град на културата под кое ќе се одржуваат сите настани во текот на годинава.
„Среќни и задоволни сме за изборот Велес да биде Град на културата во 2015. Секоја година конкурираме на повици и секогаш со издржани проекти. Тоа го потврдивме и овојпат. Имаме капацитет и планираме да правиме проекти во сите делови на градот. Затоа, велешките шимшир-порти се широко отворени за сите граѓани на Република Македонија. Ние сме подготвени“, рече Чадиев.
Една третина од настаните ќе бидат интернационални, како што е фолклорниот фестивал на кој ќе гостува и Танец. Меѓу покрупните проекти, како што рече Чадиев, ќе бидат гостувањата на Македонската опера и балет и Македонската филхармпнија во Велешкиот театар.
Чадиев додаде дека во некои денови од годината ќе има и по два до три настани зашто покрај содржините од програмата „Град на културата“, културната понуда ќе биде проширена и со настани од традиционалните манифестации Топол културен бран, Рацинови средби, Фестивалот на античка драма Стоби и колонијата Папрадишки мајстори.