Јанкулоска: „Вие сте тука за да им служите и да ги штитите граѓаните“

Денес во Центарот за обука во Идризово, со чинот на положување свечена заклетва, беа промовирани 400-тината нови полициски службеници од генерацијата 2014/2015 година кои што во изминативе 12 месеци, по ригорозната селекција од јавниот оглас објавен минатата есен, ја завршија едногодишната обука и сега како полициски службеници ќе бидат распоредени во различни организациони единици при МВР. Како што истакна министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска во своето поздравно обраќање до новите полициски службеници, особено е импозантен фактот што оваа едногодишна обука е завршена со среден просек од 91,27%, што е резултат на одличната селекција како и професионалната заложба и посветеност на сите инволвирани во Центарот за обука.

Во продолжение интегрално го пренесуваме обраќањето на министерката Јанкулоска:

„Нема поголема чест за еден министер за внатрешни работи од можноста да ги поздрави новите припадници на министерството и да им посака успех во нивната кариера. Вашиот прием во полицијата, колку што претставува успех и гордост за Вас и вашите најблиски, уште повеќе претставува инвестиција во иднината на Министерството за внатрешни работи, а со тоа и влог во безбедноста на граѓаните на Република Македонија.

Терористичките напади во Париз, покажаа дека ниедна земја, без разлика на големината, традицијата или опременоста на безбедносните сили, не може да смета дека е имуна и отпорна на овие закани. Напротив, радикалните движења претставуваат глобална закана и за да ги заштитиме нашите граѓани, мора да бидеме постојано претпазливи и будни и да го вложиме сопствениот максимум, да направиме се што е во наша моќ таквите сцени да не сe повторат.

Од вас се очекува пожртвуваност и посветеност на работата. Од вас се очекува отвореност и одговорност. Од вас се очекува чесност и хуманост. Од вас се очекува професионалност и ефикасност.

Од вас ќе зависи борбата со сите предизвици и сите видови на криминал со кои се соочуваат нашите граѓани.

Од вас ќе зависи подобрувањето на безбедноста во сообраќајот, но и обезбедувањето на државните граници, и справувањето со огромниот притисок создаден од илегалните мигранти кои бегајќи од кризните региони, преку нашата земја трагаат по подобар живот во побогатите земји членки на Европската Унија.

Знаењата и вештините кои ги стекнавте во изминатава година и во училница и на терен, очекувам уште веднаш да ги применувате во организациските единици каде што ќе бидете распоредени и да бидете потпора на вашите поискусни колеги.

Тоа го очекуваат и граѓаните. Нивната поддршка треба да биде обврска и мотив целиот ваш капацитет да го вложите во исполнувањето на нивните очекувања.

Со Вашето вработување во Министерството за внатрешни работи во залог ги добивате сите успеси постигнати во минатото и сиот углед на полициската униформа кој го стекнале генерациите пред вас. Откако ОБСЕ во 2004 година започна да ја мери довербата и почитта кон полицијата од граѓаните во нивната заедница, таа се покачи од 41 отсто во 2004 година на над 64 проценти во 2014, што е далеку над просекот во земјите членки на Европската Унија кој според Еуробарометар изнесува околу 42%. Факторите кои влијаат на степенот на доверба се ефективноста во полициското работење, фер односот и споделувањето на исти вредности и интереси со граѓаните, како и силната посветеност на заедницата. Ова не смее да го заборавите во ниту еден момент. Вие сте тука за да им служите и да ги штитите граѓаните.

Секој од вас, денеска се колне дека ќе ги почитува основните слободи и права на граѓаните и дека совесно и уредно ќе ги врши полициските работи, почитувајќи ги Уставот и законите на Република Македонија. Секој од вас ќе ја потпише оваа заклетва и ќе ги преземе обврските секој ден, секој час, на секоја улица и во секе место во Република Македонија, таа да биде доследно спроведена, а Вие да бидете пример за останатите граѓани.

Убедена сум дека секој од вас поседува исклучителни квалитети и убедена сум дека преку вашето совесно постапување во службата ќе не направите горди сите нас како Ваши претпоставени, вашите најблиски и вашите професори.

Начинот на селекција кој го промовираме е пример како се гради професионална служба без какви било влијанија. Вие најдобро знаете дека само најдобрите и најподготвените успеаја да ги минат сите скалила. Во изминативе 12 месеци беше оценуван секој ваш чекор, почнувајќи од редовноста, дисциплината па се до физичката подготвеност и стекнатите знаења. Средниот успех со кој ја совладавте обуката е 91,27%, што е резултат на одличната селекција како и професионалната заложба и посветеност на сите инволвирани во Центарот за обука. Затоа од вас и во иднина очекуваме да го дадете вашиот максимум.

„Дозволете ми да го изразам моето задоволство што 20% од сите што ги исполнија ригорозните критериуми се жени, но и што етничката структура на оваа генерација на полициски службеници го одразува етничкиот состав во Република Македонија.

Во изминативе 12 месеци сите Вие имавте можност лично да се уверите во дисциплината и строгите критериуми кои ги наметнуваме. Со добивањето на полициската значка Вие станувате дел од новиот лик на полицијата. Лик кој значи младост, енергичност, професионалност и целосна посветеност на работата. Од денес, Вие сте дел од столбовите на државата. Граѓаните во Вас ќе гледаат гарант за сопствената безбедност. Нешто што не смее да го изневерите. Сите од Вас очекуваме доследно почитување на нашата политика на „нулта толеранција кон криминалот и корупцијата“. Како Ваши претпоставени ќе внимаваме на секој ваш професионален чекор и нема да толерираме никакво непочитување на професионалните стандарди или селективност во постапувањето, бидејќи сите граѓани мора да бидат еднакви пред законот и законот мора да биде еднаков за сите.

Од денес Вие сте дел од нашиот тим, рамноправни со останатите колеги со кои мора меѓусебно да се почитувате и поддржувате. Ви посакувам личнa и професионална среќа и многу успех во кариерата што е пред Вас.

Да живее Република Македонија!“– истакна Јанкулоска.