Охридските училишта подготвени за почетокот на второто полугодие

Основните и средните училишта во општина Охрид, подготвени за почетокот на второто полугодие од школската година. Ова беше констатирано на денешната средба која Секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески ја оствари со активот на директори од училиштата во Охрид.

„Заеднички заклучок со директорите е дека сите предуслови за одржување тековно на наставата и почеток на второто полугодие се исполнети. Училиштата се снабдени со нафта за греење, други проблеми во комунална сфера немаат, така што редовно од 20.01.2015 (вторник) ќе започне наставата во општина Охрид. Не очекуваме никакви проблеми при почетокот и на сите ученици им посакуваме успешен почеток на второто полугодие“, – рече Секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески.

Општина Охрид е една од ретките општини во Македонија која има формирано актив на директори и кој како алатка функционира одлично.

„Токму ваквиот начин на функционирање се покажа доста успешен бидејќи директорите на во активот ги разменуваат своите мислења и искуства и најголемиот дел од проблемите ги решаваат низ таа меѓусебна комуникација. Доколку за некој од проблемите има потреба за вклучување на Локалната самоуправа тие не известуваат на ваквите средби“, – истакна Секретарот Спасески кој додаде дека тековни проблеми има секогаш но тие навремено се сервисираат.

Исто така на средбата се разговараше и за одредени капитални инвестиции во училиштата, како и за текот на процесот за легализација за основните и средни училишта и нивно запишување во Катастарот на Република Македонија. Крупни проблеми кои би биле пречка за почетокот на наставата нема, така што не постои никаква пречка за почеток на наставата.

„Како што истакна и Секретарот на општина Охрид, соработката помеѓу активот и Локалната е на одлично ниво и сите проблеми брзо ги решаваме. Во Вторник во сите училишта наставата ќе се одвива непречено и воедно ги известуваме сите родители дека училиштата ќе бидат отворени и слободно можат да ги донесат своите деца онаму каде што му е местото во училниците“, – рече Јордан Пуроски од активот на директори.

Vtoro_polugodie_2015_4853