Врачена светската награда за хуманизам на Џон Ралстон Сол

Градоначалникот Никола Бакрачески, на свеченоста што се одржа синоќа, во Куќата на Уранија, куќата на МАНУ, во рамките на празнувањето на „ Богојавление- Водици“ на Џон Ралстон Сол, едно од водечките имиња на светската литература и есеистика и претседател на Интернационалниот ПЕН, му ја врачи Светската награда за хуманизам, што ја доделува Охридската академија за хуманизам, во духот на Светиклиментовата прва средновековна школа за хуманизам во Европа.

„Најискрено Ви го честитам добивањето на Светската награда за хуманизам и Ви посакувам добро здравје,творечка енергија и добра мисла.Почестени сме од Вашето присуство во Охрид и уверени сме дека во рамките на престојот ќе имате можност да го почуствувате духот на овој свет град.Со посебно задоволство Ви ја врачувам оваа рачно изработена статуетка на „ Св. Климент Охридски“, која трајно ќе Ве потсетува на неговото големо дело и духот на неговата прва средновековна школа за хуманизам во Европа. Заедно со ова меѓународно признание, Ви посакувам од Охрид да понесете убави спомени, кои постојано ќе Ве инспирираат повторо да бидете наш гостин-“ рече градоначалникот Никола Бакрачески

Беседа за годинашниот добитник на Светската награда за хуманизам Џон Ралстон Сол одржа претседателот на инернационалната жири комисија на Охридската академија за хуманизам Јордан Плевнеш.

Првата интелектуална револуција во Европа се случува точно во време кога беше сонувана цивилизацијата на љубовта и носталгијата по единството кои никогаш не се остварија, а хуманистите како сите претходни добитници на оваа награда сонуваа за нив. Еве вгодина ќе се навршат 1100 години од смртта на св.Климент, масакрите се множат во недоброј по оваа земја-Татковина како што ја нарекува Едгар Морен и бидејќи сте Пророк од камиевски сој би сакал оваа ноќ да се чувствувате и македонец по хуманизам бидејќи Вашата родна земја Канада за илјадници Македонци стана ветена земја. Торонто е втор македонски град во светот и токму по улиците на Торонто сум ја слушнал најубавата дефиниција за нашата земја“Македонија и Бескрајот се слични по тоа и Македонија и Бескрајот граничат сами со себе”.Влезете Мислителу на Бескрајот на врвот на светскиот хуманизам и нека зрачи вашето име сега, секогаш и во вечни времиња“– истакна Јордан Плевнеш.

Лауреатот на Светската награда за хуманизам , кнаѓанецот Џон Ралстон Сол, во својот инспиративен говор изрази искрена благодарност за ова високо признание и за престојот во Охрид. „ Возбуден сум што престојувам во градот на Св. Климент Охридски, во градот на светскиот хуманизам. Како што реков на инернационалната ПЕН конференција, ќе повторам дека оваа земја се вика Македонија, бидејќи секој народ има неприкосновено право како ќе ја нарекува својата земја- рече Џон Ралстон Сол.

Академик Катица Ќулавкова, на свеченоста на која присуствуваа и поранешните добитници на Светската награда за хуманизам Вида Огњеновиќ и Светлин Русев, соопшти дека деновиве на македонски јазик е објавена книгата „ Несвесна цивилизација“ од Џон Ралстон Сол. Првиот примерок, авторот Сол му го потпиша и подари на градоначалникот Никола Бакрачески.

На крајот на свеченоста, претставници од раководството на Охридската академија за хуманизам, најавија повеќе новини за прогласувањето и доделувањето на Светската награда за хуманизам.