„Бела книга“: Македонија атрактивна за инвестирање

Условите за деловно работење во Македонија се подобруваат, земјата и годинава повторно е меѓу најдобрите во регионот, атрактивна е за инвестиции и прави крупни промени во инфраструктурата, енергетиката, здравствениот систем,… Ова е оценката содржана во првата „Бела книга“ што денеска ја промовираше Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија.

Во „Белата книга“ се опфатени ставови, предлози и сугестии на вкупно 110 странски компании присутни во Македонија.

„Минатата и претходните години е сторено многу на економски план. Сепак, останува да се поработи на петте клучни предизвици – поголема предвидливост на генералните цели на државата во однос на деловното опкружување, поефикасна администрација, помал потенцијал за корупција, поедноставување на административните постапки и правните процедури, како и редефинирање на образовниот систем со цел обезбедување што повеќе соодветен стручен кадар“, истакна претседателот на Советот Хуан Педро Наваро.

Тој ја охрабри Владата да продолжи со привлекување странски инвеститори зашто тоа е една, како што нагласи, од нејзините најуспешни политики.

„Во 2013 и 2014 година имаше позитивно движење на странските инвестциии. Нето директните инвестиции изнесуваа 251,5 милиони евра што е 181,5 отсто повеќе од 2012 година. Евидентни се и позитивни движења во извозот и во соработката со локалните добавувачи“, посочи Наваро.

Според претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, 2014 беше една од најплодните години на инвестициски план.

„Треба да се поддржат и поздрават напорите на Владата која вложи импресивна енергија за овој процес да успее“, подвлече Азески.

Странските вложувачи, додаде, се застапени во сите региони што е особено битно за рамномерен економски развој, а нивната соработка со домашните фирми се зголемува. За бизнисот, потенцира Азески, не постојат мали и големи, странски и домашни компании. Тој мит полека се разобличува.

Претседателот на Комората ја нагласи потребата од обезбедување стручни квалификувани лица. Тоа, рече, ќе биде клучен предизвик во наредниот период.

Поздравувајќи го изготвувањето на „Белата книга“, вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски нагласи дека со ова само се потврдува одличната соработка меѓу власта и бизнисот. – Книгата е основа за натамошен развој на економската политика, но воедно и ќе им ја олесни одлуката на странските компании да дојдат во Македонија согледувајќи ги искуствата на своите колеги, истакна Пешевски.

И покрај се она што е реализирано досега на деловен план, претстои, смета вицепремиерот, уште многу работа.

„Од забелешките и сугестиите треба да бидеме задоволни. Дел од барањата доставени додека Книгата се изработуваше, Владата веќе ги реализира. Тоа покажува со колкава брзина и посветеност работиме на подобрување на бизнис климата, не само за странските, туку и за домашните инвеститори“, рече Пешевски според кој,

Предвидувањата за Македонија дека ќе оствари најголем раст во регионот, не се случајни. Како што истакна вицепремиерот, и натаму ќе останеме лидер во економскиот развој во регионот.

Носењето правни решенија и законски измени е со умерено темпо зашто мора да се води сметка за стратегиската цел – усогласување на домашната со европската регулатива.

„Понекогаш, одредени законски решенија кои во некои земји функционираат, кај нас не функционираат поради нашиот менталитет и затоа мора да ги прилагодуваме. Не сме најсреќни кога треба да правиме измени во законите, не е тоа забава за Владата, туку едноставно, настојување да се направи системот што по рамноправен и понапреден, подбар за сите во државата, а не само за одредена група“, посочи Пешевски.

Според министерот за економија Беким Незири, непсорно е дека Владата направи многу за да го олесни бизнисот.

„Благодарение на соработката со компаниите 2014 е една од најуспешните за странските инвеститори кои веќе влегоа во Македонија или најавија нивно доаѓање тука. Спроведените реформи дадоа конкретен резултат. Само во слободните индустриски зони резултираа моментно работат 3.500 лица, а допрва се очекува и отворање нови работни места“, истакна Незири.

„Белата книга“ ќе се издава секоја година, не само како видување за актуелните економски состојби во земјата, туку и како коректор или предлагач на она што евентуално може повеќе да се стори за подобрување на деловната клима.

На промоцијата присуствуваа и гувернерот на Народната банка Димитар Богов, како и директорот на Дирекцијата на технолошко индустриските развојни зони (ТИРЗ), Виктор Мизо.