Милениумскиот крст доби современ систем за осветлување

Денеска беше пуштен во употреба новиот систем за осветлување на Милениумскиот крст, кој е еден од главните обележја на главниот град на Македонија.

„Милениумскиот крст, е изграден во 2 000 година во чест на две илјади години христијанство во оваа библиска земја, Македонија, чија изградба била финансирана од Македонската православна црква, македонската Влада, како и донатори од Македонија и Македонци од целиот свет. Објектот Милениумскиот крст е челична конструкција, со висина од 66 метри, поставена на армирано бетонски постамент со висина од 10 метри, така што вкупната висина на целокупната конструкција изнесува 76 метри. Објектот не беше целосно завршен, а постои цели петнаесет години. Поради тоа беше неопходна негова доизградба, реконструкција, како и преземање активности за негово обновување. За таа цел беа преземени активностите, како антикорозивна заштита на челичната конструкција на Милениумски крст, што е доста сложена технологија, но во исто време претставува значаен фактор во осигурувањето на конструкцијата во целина, направена е и нова електрична инсталација на Милениумскиот крст кој е е осветлен со 280 лед светилки. Реконструкција на објектот Милениумски крст во делот на осветлувањето е донација на БЕГ (Балкан Енерџи Груп) и господин Леонид Лебедев, при што ја користам оваа пригода да упатам голема благодарност до нив. Вредност на целокупниот проектот за осветлување на Милениумски крст изнесува 15. милиони денари. Но, има активности кои се во тек и кои се планираат да се завршат во најблиска иднина и се спроведуваат со поддршка на ЈСП- Скопје, Град Скопје и Владата на Македонија, а тоа е делумна демонтажа на постојниот лифт, како и негова замена со нов панорамски и застаклен лифт, почнато е водоснабдувањето на Милениумскиот крст, во фаза е изградба на водоводна инсталација од бунарот до Милениумскиот крст, како и довршување на активностите околу изградбата на бунарот.Исто така, комплетно е опремен ресторанот кој е сместен во самата основа на Крстот и во наредниот период се очекува и негово пуштање во употреба, како и изградба на пречистителна станица и резервоар за питка вода. Сите овие активности за доизградба на Милениумски крст се во вредност од 66 милиони денари.“-рече Јанакиески.

Пристапот до оваа локација е овозможен преку пешачки планински патеки, асфалтиран локален пат, но од пред неколку години и со жичницата.

Министерот Јанакиевски потенцираше дека придбивките од изградбата на Жичницата на Водно се несомнено големи и во Министерството за транспорт и врски е во подготовка втората фаза од овој значан проект којшто треба да се реализира 2017 година.

„Милениумскиот крст е споменик кој ги симболизира универзалните хуманистички вредности: толеранција и сочувство, милосрдност, мир и хармонија во општеството, Социјалниот проект е од хуманистички карактер и е насочен кон зацврстувње на единството, мирот и слогата во македонското општество. Модернизацијата на системот за осветлување ќе овозможи да се даде нов, посовремен изглед на еден од главните архитектонски симболи на Градот Скопје, да се подвлече неговата неповторливост и ќе придонесе за развојот на туристичката и културно-историската инфраструктура на главниот град на Македонија. Освен тоа, проектот претставува продолжение на традиционалната политика на Русија за зацврстување на културните и меѓудржавните врски со земјите од Балканскиот полуостров кои и се цивилизациски блиски“, истакна членот на Советот на Федерацијата на Федералното Собрание на РФ, Леонид Лебедев.

Генералниот директор на „Балкан Енерџи Груп“, Михаил Скобиоала, денеска свечено му ја предаде техничката документација за осветлувањето на Милениускиот крст на градоначалникот Коце Трајановски.

Проектот и организацијата на работите за поставување на новиот систем за осветлување на Милениумскиот крст беа реализирани од компанијата „Балкан Енерџи Груп“, која ја презеде обврската да оддели финансиски средства за спроведување на градежно-монтажните работи, да најде изведувач за нивно исполнување и да го контролира квалитетот на извршените работи при реконструкцијата на системот за осветлување. Оваа иницијатива активно ја поддржа Леонид Лебедев, член на Советот на Федерацијата на Федералното Собрание на Руската Федерација, донатор и општествен деец. Господинот Лебедев се согласи да оддели средства за реконструкцијата на системот за осветлување на Милениумскиот крст. Вкупната помош од двата спонзори изнесува над 198 илјади евра.

Модернизирањето на системот за осветлување овозможи да му се даде нов, посовремен изглед на еден од главните архитектонски симболи на Скопје, да се нагласи неговата неповторливост.

Покрај естетските придобивки, модернизацијата ќе овозможи и технички и економски придобивки, како намалување на потрошувачката на електрична енергија за 20 отсто, односно на тој начин ќе се заштедат околу 3.600 евра годишно. Трошоците за поправките на старите светилки, кои сега се заменети со светилки од нов тип ќе се намалат за 2.000 евра годишно. Годишните трошоци за техничкото одржување на комплексот за осветлување ќе се намалат за 1.500 евра. Вкупната годишна заштеда на парични средства неопходни за експлоатацијата на системот за осветлување ќе изнесува 7.100 евра. Рокот на експлоатација на новиот систем за осветлување ќе биде најмалку 15 години.