Државниот секретар во Министерството за култура, Бехиџудин Шехапи, оствари работна средба со Хака Озчелик, аташе за култура во Амбасадата на Република Турција во Република Македонија. На средбата беше изразено заемното задоволство од нивото на соработката меѓу двете пријателски земји на полето на културата, а беа разгледани и можностите за нејзино унапредување. Државниот секретар Шехапи се осврна на соработката и реализираните проекти во партнерство со Турската агенција за развој и соработка ТИКА и ја истакна заемната потреба од проширување на спектарот на дејствување при планирањето на активностите во наредниот период. Во текот на разговорите, турскиот гостин Хака Озчелик упати покана до својот соговорник за присуство на меѓународната туристичка манифестација, која ќе се одржи во Чанак Кале во текот на март годинава, на која Република Македонија ќе ги претстави своите културни особености и туристички потенцијали пред голем број туроператори од светот. Според Шехапи, ваквите средби се од огромно значење за унапредување на соработката и претставуваат дополнителен импулс во зацврстувањето на пријателството меѓу двете земји.