Со цел намалување на инциденцата и смртноста на жените од рак на грло на матка во Република Македонија преку превентивни активности на институционално ниво, Владата на Република Македонија секоја година донесува Програма за рана детекција на малигни заболувања во Република Македонија што ја изготвува Министерството за здравство, во која посебен дел претставува Програмата за рано откривање и спречување на ракот на грлото на матката преку која последниве неколку години се спроведуваат неколку активности за превенција на ракот на грло на матка. Активностите за оваа цел ги спроведуваат Министерството за здравство, матичните гинеколози, Институтот за јавно здравје и Центрите за јавно здравје.
Согласно доктринарните ставови целна група за организиран скрининг на рак на грло на матка во Република Македонија се жени на возраст од 24-60 години. Препорачан временски интервал за изведување на организиран скрининг е 3 години. Првата година или 2012 година во Република Македонија беа опфатени жените од 24-35 години, во 2013 година жените од 36-48 години и во 2014 година жените од 49-60 години и жените од 36-48 години кои во 2013 година не направиле Пап тест.
Бројот на прегледаните жени, односно бројот на направените Пап тестови при организираниот скрининг на рак на грлото на матката во Република Македонија во периодот 2012-2014 се зголемува. Во 2012 година се направени 17595 Пап тестови, а во 2014 година 26270. Постои зголемување на бројот на прегледаните жени, односно направените Пап тестови при организираниот скрининг во 2014 година во однос на 2012 година за 49,3%, а во однос на 2013 година за 27,5%. Трендот има тенденција на пораст.
Секоја година се откриваат во просек по 4-7% епителни клеточни абнормалности од цитолошки анализираните брисеви.
На прво место по локализација кај жените заболени од малигни неоплазми во 2010 година се наоѓа ракот на дојката со стапка на инциденца од 75.7 на 100 000 жени. На второ место во 2010 година во морбидитетот од малигните заболувања кај женската популација е ракот на грлото на матката со 230 новорегистрирани случаи и стапка на инциденца од 22.4 заболени жени на 100 000 жени. Инциденцата на малигна неоплазма на грло на матка во Република Македонија во периодот 2001-2010 година има тенденција на намалување и трендот е во опаѓање.
Во најголем број на случаи (37,1%) смртноста од рак на грлото на матката настапува во постарата возраст на жените, над 60 години. Но, потребно е да се нагласи дека мошне висока е стапката на смртност од ова заболување и кај жените од 45-54 години (околу 13 на 100 000 жени).
Во Република Македонија во 2008 година од рак на грло на матка умреле 43 жени, 2012 умреле 39, а во 2013 година умреле 36 жени.
Во 2008 година стапката на морталитет од рак на грло на матка на 100 000 жени е 4,2, во 2012 година 3,8, а во 2013 година 3,5.
Стапката на смртност од рак на грлото на матката во Република Македонија се движи меѓу 3-6 на 100 000 жени.Трендот на морталитет од рак на грло на матка кај жените во Република Македонија во период 2000-2013 година се намалува.
Ова зборува за оправданост на Програмата, чија цел е рано и навремено откривање и спречување на ракот на грлото на матката во латентната и/или раната симптоматска фаза. На овој начин се намалува инциденцата и смртноста на жените од рак на грлото на матка во Република Македонија, што е и основна цел на оваа Програма.