Костеска: Должни сме да ги усогласиме цените за престој што паѓа на товар на родителите согласно прописите

Очигледно на опозицијата и сметаат сите развојни елементи и дејствија што се преземаат во градинката. Додека истата чмаеше изминатите 10-тина години без една закојана шајка, рече на денешната прес-конференција директорката на ЈОУДГ „Јасна Ритеска“, Розе Костеска.

„Во оваа година и пол обезбедени се соодветна стручна литература, дидактички материјали и средства, соодветен стручен кадар, кој е лиценциран, променета е дограмата во три објекти, ставени се клима-уреди скоро во сите занимални, отворени се три нови групи во други просторни услови, реконструирани се дел од објектите и прибавени се имотни листови за сите објекти.“- истакна Костеска и додаде:

„Во врска со актуелизирањето на одредена тема за некакво си зголемување на цените, чувствувам потреба да ја информирам јавноста дека НЕМА НИКАКВА ИЗМЕНА НА ЦЕНАТА!

Станува збор за усогласување на цените за престој на децата во градинката согласно Законот за заштита на децата и подзаконските акти кои произлегуваат од него, а кои како установи треба да ги почитуваме.“– додаде Костеска.

Костеска кажа дека, со Правилникот за измена и дополнување на правилникот за утврдување на цените на услугите што ги дава јавната установа за деца – детска градинка и износот на надоместокот на трошоците за престој во установа за деца што паѓа на товар на родителите е утврдена висина на цената за целодневен престој од 1490,00 денари, додека за полудневен престој се плаќа:

-за престој само со ужина – 599,00 денари

-за престој со комбиниран оброк 806,00 денари (појадок и ужина)

-за престој без ужина 298,00 денари.

и дека Правилникот е објавен во Сл. Весник бр. 78/04.

„Согласно со Законот за заштита на децата (Сл.весник на Рм. бр. 23/13 советот на основачот, на предлог на Управниот одбор на ЈОУДГ за деца ги утврдува цените согласно наведениот правилник. Оваа цена откако е донесена во 2004 година – не се менува!

Полудневен престој е во траење од 4-6 часа дневно. Ние како градинка сме должни да ги усогласиме цените за престој што паѓа на товар на родителите согласно прописите – и тоа го правиме.

Управниот одбор донесе одлука и за одлуката е информиран и оснивачот.

2. Што се однесува до начинот на плаќање на обврските, родителите потпишуваат Договор со градинката при аплицирањето, со кое се пбврзуваат да го почитуваат истиот. Во Договорот, во член 9 стои дека „Давателот на услугите, за услугите што ги врши наплатува износ пропишан со Правилникот за цени и услуги за престој на деца во установите за згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст. Фактура се доставува на почетокот на месецот со обврска за плаќање во рок од 15 дена по приемот, за што треба да се достави доказ за платена услуга кај воспитно згрижувачкиот тим заради евиденција. По овој рок се пресметува камата согласно прописите“ (член 9).

3. Во врска со тврдењето дека списоци се објавувале на влезните врати , не е точно дека списоци се објавени на влезот во градинката, туку индивидуално се потсетува секој родител поединчено, водејќи сметка за дискрецијата.

4. Што се однесува до користењето на прирачната литература, во Законот за заштита на деца, член 173 децидно стои дека „Во установа за деца се употребуваат прирачници како воспитно-образовни материјали за реализација на активностите од страна на згрижувачко воспитниот кадар, како и детски списанија кои се во функција на истите активности. Припадниците на заедниците кои воспитно-образовните активности ги изведуваат на јазикот на припадниците на другите заедници, употребуваат прирачници и детски списанија на јазикот на соодветната заедница. Решение за одобрување и употреба на прирачниците и детските списанија донесува министерот, по претходно мислење на Педагошката служба“.

5. Во интерес на децата, сите ние како директори сме вклучени во било која издавачка куќа, дали Присветно дело, Едука и која и да е, со цел да придонесеме со своето знаење и искуство за збогатување на фондот и квалитетот на литературата за деца од предучилишна возраст според Програмата за рано учење и развој.“- заврши Костеска.