Владата на Република Македонија ја усвои Програмата за финансиска поддршка на маркетингот на земјоделски производи за 2015 година.
Основна цел на оваа програма е финансиски да се поддржи пласманот на македонски квалитетни производи на надворешни пазари и тоа преку покривање на дел од трошоците за амбалажа на преработени земјоделски производи наменети за извоз. Со давањето на поддршка за амбалажирање се влијае на зголемување на квалитетот на земјоделските производи, и тоа преку зголемување на додадената вредност на производот и постигнување на повисоки пазарни цени на странските пазари, што ќе обезбеди позитивни ефекти за приходот на компаниите, но и за девизниот прилив за земјата.
„За оваа намена се обезбедени и ќе бидат алоцирани 35 милиони денари, средства со кои ќе бидат поддржани поголем број на мерки, од кои би сакале да ги акцентираме финансиската поддршка за покривање на дел од трошоците за амбалажата на флашираното вино за извоз, и финансиската поддршка за покривање на дел од трошоците за амбалажата на преработените земјоделски производи наменети за извоз.
Со финансиската поддршка за покривање на дел од трошоците за амбалажата на флашираното вино за извоз се опфаќа покривање до 20% од вкупната вредност на направени трошоци за амбалажа на извезено флаширано вино, односно до 6 денари по извезена флаша вино. Со овие средства се помага извозот на флаширано вино со квалитетна и препознатлива амбалажа односно за направени трошоци за стаклена флаша, затворачи, етикети и друго.
Помошта за трошоци за амбалажа на извезен преработен земјоделски производ се однесува на производи од конзервната индустрија кои се извезуваат во стаклена амбалажа. Помошта се исплаќа во висина до најмногу 4 денари по килограм извезен производ и е наменета да покрие дел од трошоците за стаклена амбалажа, капак, етикети и друго.“- истакна на денешната прес-конференција, портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев.
За секоја од предвидените мерки во рамките на оваа програма ќе бидат распишани огласи на кои ќе може да аплицираат сите земјоделски производители кои ги исполнуваат условите и извезуваат земјоделски производи во амбалажа.
„Оваа програма се реализира веќе неколку години и според информациите од компаниите дава позитивни резултати и ефекти. Оваа и другите мерки кои ги реализираме како што се директните плаќања и редовните субвенции, кофинансирање на дел од трошоците за набавка на земјоделска опрема имаат придонес во позитивниот тренд на континуиран раст на извозот на виното и земјоделските преработени производи.
Во 2014 година за прв пат по склучувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација со Европската Унија во целост е искористена безцаринска квота за извоз на вино во шишиња во земјите членки на Европската Унија, заклучно со 08.12.2014 година. Извозот на вино во 2014 година бележи сериозен пораст од 34% во поглед на количините и 48% во поглед на остварена вредност на извозот. Досега само преку оваа мерка се исплатени 38,7 милиони денари за извоз на над 16 милиони шишиња вино, а помошта ја искористиле 25 регистрирани винарии. Како резултат пак на комбиниран сет на мерки за маркетинг и пласман извозот на конзервиран зеленчук е во пораст од околу 10% во 2014 во споредба со 2012 година.“– рече Ѓорѓиев.
Ѓорѓиев додаде дека очекуваат и со оваа финансиска поддршка дека ќе се продолжи позитивно да се влијае на трендот на раст на извозот на овие производи, и истовремено ги повикуваат компаниите да направат подготовки и да ја внесат и оваа поддршка во своите анализи за раст на нивната дејност.