„Лице в лице“ ја одбележува Неделата на продавачи на уличен печат

Продавачите на единственото улично списание во земјава, „Лице в лице“ ќе бидат во фокусот на третото одбележување на Меѓународната недела на продавачи на уличен печат која се одржува од 2 до 8 февруари во повеќе земји низ светот.

Станува збор за годишен настан кој се одржува во првата недела од февруари, а целта е да се слави работата на продавачите на 114-те улични списанија и весници од 35 земји од целиот свет и да се поттикне јавноста да размислува за предизвиците и проблемите со кои што тие се соочуваат, како бездомништво, социјална исклученост, сиромаштија.

Активностите од Недела на продавачи на уличен печат се одвиваат во градовите во кои излегуваат улични изданија кои се членки на Меѓународната мрежа на уличен печат (ИНСП) со седиште во Глазгов.

„Лице в лице“ ќе ја одбележи оваа недела со повеќе активности во Скопје, Струга, Битола и во Охрид.

Во Скопје овој период започна најава на Неделата со распродажба на комплет од две списанија и букмаркер по цена од едно издание, а акцијата ќе трае до крајот на месецов. На овој начин, граѓаните, поддржувачи на „Лице в лице“, имаат можност да си ги набават броевите кои им недостасуваат. Во текот на оваа недела, продавачите од Скопје ќе бидат на повеќе нивни омилени локации (во Дебар Маало, на плоштадот Македонија, на влезот на ГТЦ), каде ќе ги понудат овие комплети.

Битолските дистрибутери на списанието, „Форум 16“, заедно со онлајн магазинот „Олабај“ оваа недела, секој ден од 11 до 13 часот ќе бидат пред „Веро“ на Широк сокак, каде ќе дадат поддршка на битолските продавачи и ќе го понудат „Лице в лице“ на граѓаните. Тие подготвија и манифест, кој ќе го споделуваат на социјалните мрежи.

Организацијата „ПОРАКА НОВА“, која е дистрибутер на „Лице в лице“ за Струга, исто така ќе се вклучи во акцијата со продажба на изминати броеви. Струшките продавачи, со поддршка на „ПОРАКА НОВА“ ќе бидат на повеќе локации низ градот и ќе им ги понудат на граѓаните броевите кои им недостасуваат.

Во текот на Неделата, на социјалните мрежи (на фејсбук и на твитер) и на веб сајтот на уличното списание ќе се споделуваат и приказни за дел од продавачите на „Лице в лице“.

Освен овие активности, постои и глобална онлајн кампања, во чии рамки можете да се приклучите во одбележувањето на овој настан, постирајќи содржина со хаштаг #VendorWeek. Меѓународната мрежа на уличен печат (ИНСП) организираше и кампања на „Тандерклап“, а сите што ќе сакаат да ја поддржат Неделата и работата на продавачите, можат да го сторат тоа и преку „Твибон“.

И светот ја слави Неделата на продавачи на уличен печат.

Во светот во моментов работат околу 14. 000 продавачи на улични списанија и весници.

ИНСП, заедно со едно од најпознатите улични списанија во светот, британското „Биг ишју“ организира голем настан за прибирање средства, во кој се вклучија 80-тина политичари, музичари, актери и други популарни личности од Велика Британија. Сите тие, заедно со продавач на списанието, на различни места ќе продаваат и ќе се обидат да соберат што повеќе средства, но и да ја подигнат јавната свест за прашањата поврзани со бездомништвото.„Биг ишју Австралија“ организира сличен настан, во рамките на кој 100 бизнис лидери и политичари ќе излезат на улиците и ќе го продаваат ова списание. Вакви иницијативи и настани организираат и уличните списанија „Shedia“ во Атина, Грција, „Hus Forbi“ во Данска, „Street Sense“ Вашингтон, како и швајцарските изданија „Surprise“ во Базел, Берн и во Цирих. Германското улично спиание „Strassenfeger“, за Неделата ја организира кампањата „Една топла зима“, во чии рамки ја повикува јавноста да донира пари и топла облека за продавачите на берлинското издание, а ќе организира и забава за нив. Австриското „Kupfermuckn“, пак, организира работилница за изработка на портрети ексклузивно за продавачите за да им ја поттикне креативноста.

Продавачите од САД и од Канада, пак, ќе се поврзат со специјален скајп повик помеѓу продавачите на списанието „Street roots“ од Портланд, Орегон и од „Megaphone“ од Ванкувер.

Во целиот свет, илјадници бездомници, невработени и ранливи луѓе ја преземат контролата врз своите животи, преку продажбата на улични весници и списанија, со тоа што си овозможуваат легитимен приход. Во 35 земји, мрежата на ИНСП, нуди поддршка и надеж за луѓето кои се соочени со бездомништво, сиромаштија и социјална исклученост.

!PosterVendor_week_poster_jpeg