Македонскaта оперa „Змејовата невеста“ премиерно на 7 февруари во МОБ

Македонското оперско дело „Змејовата невеста“ на композиторот Стојан Стојков, а во режија на Дејан Пројковски, премиерно ќе биде изведено на 7 февруари во Македонската опера и балет.

На прес-конференција денеска во МОБ министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска го истакна значењето на премиерата на „Змејовата невеста“, која ќе се случи по цели 10 години од последната премиерна изведба на опера напишана од македонски автор, делото „Лидија од Македонија“ на Ристо Аврамовски.

Операта „Змејовата невеста“, укажа министерката, е една од поголемите музичко-сценски форми која е поддржана од страна на Министерството за култура во насока на поттикнување на домашното творештво и создавање на дела од различни жанрови и за различни музички формации.

„Уверена сум дека ова македонско дело во чија што изведба е вклучена македонска солистичка екипа под диригентската палка на маестро Саша Николовски-Ѓумар и режисерот Дејан Пројковски ќе ни понуди една симбиоза на традицијата и современоста, една нова естетика која се одликува со кумулативниот музички стил на композиторот Стојан Стојков“, рече Канческа – Милевска.

Специфичкиот авторски сензибилитет на овој автор, кој е еден од најплодните македонски композитори, посочи министерката, е многу добро познат на македонската и на странската јавност.

„Стојков се смета за еден од највлијателните претставници на неофолклоризмот во македонскиот композиторски стил. Во оваа смисла, уверена сум дека оваа опера со сите свои обележја кои се содржат во самиот идиом на македонскиот фолклор ќе опстои уште многу години на репертоарот на МОБ како дело кое изворно го прикажува македонскиот креативен уметнички израз“, истакна Канческа-Милевска.

Потенцира дека годинава во МОБ ќе проследиме уште една премиерна изведба на голема музичко-сценска форма која беше поддржана во Годишната програма на Министерството, операта Леандер и Косара“ на композиторот Сони Петровски, по либрето на Петре Бакевски.

„Со поддршка на Министерството за култура беа создадени и други крупни форми како концертот за пијано и оркестар на композиторот Живоин Глишиќ и композицијата „Варијации на традиционална тема за соло виолина“ на Живоин Глишиќ со која виолинистката Ева Богоевска го освои првото место на престижниот фестивал Сан Ремо. Министерството застана и зад создавањето и промоцијата на делото „Фантазија на две фолклорни теми” на композиторот Дамир Имери наменето за светски реномираниот македонски пијанист Симон Трпчески кое со големи овации беше поздравено од чешката публика минатата година“, рече Канческа-Милевска.

Нашата добро осмислена стратегија за поддршка на домашното музичко творештво, нагласи таа, кулминираше во февруари 2014 година, кога Министерството за култура прв пат објави и посебен конкурс за стимулација на творештвото од областа на класичната музика.

Додаде дека стимулацијата на домашното творештво и подобрувањето на статусот на авторот остануваат нивни приоритети бидејќи на овој начин, можат да создадат навистина вредно музичко наследство кое ќе не издвојува во европскиот културен контекст.

Директорот на Македонската опера, Дејан Прошев изрази надеж дека оваа постановка на „Змејовата невеста“ и конкурсот што Министерството за култура го распишува за стимулирање на делата од класичната музика од домашни автори за брзо време ќе им овозможат нови постановки на опери, балетски дела или музикли, па и други дела и музички форми. 

„Авторите и изведувачите на операта „Змејовата невеста“ макотрпно работеа веќе подолг период и се надевам дека нивниот труд ќе биде соодветно ревалоризиран од публиката и од стручната јавност“, додаде Прошев.

Композиторот Стојков истакна дека станува збор за една бајковита форма која е врз фолклорни мотиви, што е битно за афирмација на нашата култура.

Режисерот Пројковски рече дека она што му било важно во процесот на работата со солистите, со хорот, со балетот, е да се види големината на Милка на Змејовата невеста, на девојката која е подготвена да го изоди патот, да го направи подвигот, да ги урне бариерите во име на љубовта, за да го добие она спротивното, различното или непознатото.

„Големото патување на змејот и на Милка е патување до откривање на нивната љубов“, додаде Пројковски.

Диригент е Саша Николовски-Ѓумар, кореографијата е на Олга Панго, сценографијата на Валентин Светозарев, а костимографијата на Марија Пупучевска.

Во операта „Змејовата невеста“ во кој преовладува лириката, мелодичноста и едноставноста настапуваат Милка: Катерина Стојановска, Наде Талевска, Змеј: Кристијан Антовски, Ернес Ибраимовски, Мајката на Милка: Марика Поповиќ, Мајката на змејот: Катерина Весковска, Друг змеј: Владимир Саздовски, Диме Петров, Стоица: Дејан Стоев, Јане Дунимаглоски, Митана: Ивана Андоновска-Свилар, Милена: Николина Јаневска…

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска одговарајќи на новинарско прашање рече дека во МОБ изминатиот период биле направени крупни инвестиции.

Јавноста беше информирана дека беше извршена целосна реконструкција на покривот на самиот објект, на фасадата, на работните простории, на гремиорните. Се направи промена и на сценската технологија и механика на самата сцена. Минатата година имавме поголема инвестиција која е целосно завршена од страна на МОБ, а тоа беше реконструкција на системот за греење и ладење, каде од буџетот беа издвоени 15 милиони денари, толку чинеше целата инвестиција и целиот систем е завршен и ставен во функција.

Посочи дека нешто што е значајно за оваа инвестиција во делот на греење и ладење е тоа што биле поставени регулациски вентили, за регулирање на топлината и се очекува да има голема заштеда во плаќањето на електричната енергија на МОБ. 

„Многу големи зафати се направија и во уредување на фоајето и во уредување на балетскиот под. Со ова завршивме една покрупна и позначајна инвестиција во институцијата,“ додаде Канческа-Милевска.