Примена на регионална конвенција во рамки на ЦЕФТА 2006 во трговијата со БиХ

Законот за ратификација на Протоколот кој се однесува на дефиницијата на поимот „производи со потекло” и методи на административна соработка кон Договорот за изменување и пристапување кон Централно-европскиот договор за слободна трговија, кој е објавен во Службен весник на Република Македонија бр. 131 од 04.09.2014 година, стапи на сила на 12.09.2014 година и при тоа се изврши измена на ЦЕФТА 2006 Договорот и наместо Протоколот за потекло од ЦЕФТА 2006 Договорот во трговската размена со oдредени ЦЕФТА земји, започнува да се применува Регионалната конвенција за пан-евро-медитеранските преференцијални правила за потекло (Конвенција), објавена во Службен весник на Република Македонија бр. 66 од 30.05.2012 година.
Со оглед на тоа дека покрај Албанија, Србија и Црна Гора, законските процедури за примена на Конвенцијата ги заврши и Босна и Херцеговина, измената на ЦЕФТА 2006 Договорот во делот на Протоколот за потекло доведува и до промени во практична примена во трговијата со оваа земја, особено во делот на издавање и прифаќање на доказите за потекло.
Република Македонија со Албанија, Србија и Црна Гора во меѓусебната трговија од 12.09.2014 година веќе го применува Протоколот за потекло од Конвенцијата (допис бр. 15-059589/14-0001 од 11.09.2014)
Со останатите земји потписнички на ЦЕФТА 2006 Договорот (Молдавија и Косово) кои сеуште ги немаат завршено законските процедури за примена на Конвенцијата, ќе продолжи да се применува постоечкиот Протокол за потекло од ЦЕФТА 2006 Договорот.
Согласно член 3 од Додаток 1 од Конвенцијата, Комисијата на Европската унија во Службениот весник на Европска унија во серија Ц 22/3 од 23.01.2015 објави известување кое се однесува на датумите на примена на правилата за потекло од Конвенцијата или протоколите за потекло кои овозможуваат дијагонална кумулација помеѓу договорните страни на Конвенцијата.
Во однос на практичната примена измените се следниве:

Издавање и прифаќање на доказите за потекло

1. Примена на Конвенцијата
Република Македонија и Босна и Херцеговина во меѓусебната трговија ќе го применуваат Протоколот за потекло од Конвенцијата започнувајќи од 01.02.2015 година. Конвенцијата во согласност со член 3 од Додаток 1 ќе се применува за:
– производи целосно добиени во Република Македонија и Босна и Херцеговина;

– готови производи со преференцијално потекло од Република Македонија и Босна и Херцеговина кои се доволно обработени или преработени без примена на кумулација со следните земји: ЕУ, Турција, Косово, Молдавија и ЕФТА државите

– готови производи со преференцијално потекло од Република Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина врз кои не е вршена никаква обработка и преработка односно за кои се потврдува нивното потекло во мегусебната трговија помеѓу Република Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

За потребите на примена на Протоколот за потекло од Конвенцијата, а согласно претходно наведеното во став 1 (алинеја 1, 2 и 3), и во согласност со член 5 од Анексот од Одлуката на мешовитиот комитет на Централно-европскиот договор за слободна трговија број 3/2013 ќе се користи уверение за движење ЕУР.1 на образец пропишан во Анекс IIIa од Конвенцијата, односно ЕУР.1 кој не содржи напомена во рубриката 7 „cumulation applied with”, односно „no cumulation applied”, или изјава во фактура со даден текст во Анекс IVa која исто така не содржи напомена „cumulation applied with”, односно „no cumulation applied”. Во рубрика 2 на уверението за движење ЕУР.1 се наведува името на земјите помеѓу кои се врши меѓусебната трговија или нивните ИСО алфа кодови, (на пример: Република Македонија и Босна и Херцеговина).

2.Примена на Договорот ЦЕФТА 2006 во однос на примена на Конвенцијата

Во случаите кога не се применува Конвенцијата во меѓусебната трговија помеѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина, ќе се применува Договорот ЦЕФТА 2006 кој предвидува кумулација на потеклото помеѓу земјите членки на ЦЕФТА, ЕУ, Турција и ЕФТА земјите, односно ќе се издаваат и прифаќаат доказите за потекло кои се пропишани во Договорот ЦЕФТА 2006. Во овие случаи пополнувањето на рубрика 2 од уверението за движење ЕУР.1 и понатаму е со називот ЦЕФТА.

3. Преодни одредби

Доказите за потекло кои се издадени во согласност со Договорот ЦЕФТА 2006 и за кои постапката за извозно царинење е завршена пред 01.02.2015 година, може да се прифатат како докази за примена на преференцијален третман во наредните четири месеци, колку што е и рокот на важење на доказот за потекло.