Општина Охрид: Лицето на кое се однесува денешното соопштение од СДСМ Охрид е ангажирано од страна на претходниот градоначалник

Во врска со денешното соопштение од ОО на СДСМ Охрид, реакција испрати Општина Охрид во која стои:

„Лицето на кое се однесува денешното соопштението на СДСМ – Охрид е ангажирано во општина Охрид од страна на претходниот градоначалник на работни задачи во Секторот за урбанизам уште од 26.01.2012 г., или 14 месеци пред преземањето на мандатот од страна на сегашниот градоначалник Никола Бакрачески, со што недвосмислено паѓаат во вода обвинувањата на СДСМ -Охрид дека сегашното раководство на Општината ангажирало лица врз основа на било каква партиска припадност.

На истото лице му е отповикано овластувањето и нема никаков ангажман во Општина Охрид.

Во процесот на изготвување на решенијата за легализација учествуваат повеќе лица од различни профили и истите после финална проверка се одобруваат и потпишуваат од страна на раководителите во Секторот за урбанизам и се донесуваат од страна на градоначалникот. Од тие причини законитоста на решенијата за легализација не може да се доведе во прашање.

Општина Охрид како и до сега продолжува да работи транспарентно и отчетно и во тој контекст ги презеде сите потребни законски дејствија во рамките на своите надлежности за евалуација и расчистување на овој случај, а воедно ги повикува надлежните институции да постапат согласно прописите“. – стои во реакцијата од Општина Охрид.