Реализацијата на капиталните инвестиции во 2014 година е на историски највисоко ниво од 21 милијарди денари, покажува фискалната табела објавена од Министерството за финансии. Заедно со Агенцијата за државни патишта оваа бројка изнесува 28 милијарди денари. За споредба, пред десет години, односно во 2005 година реализацијата на капиталните расходи изнесуваше 10 милијарди денари, или во 2006 година 9,6 милијарди денари. Ова значи дека капитални инвестиции се зголемени за 280 проценти во изминативе десет години.
Минатата година ќе остане историска за Р.Македонија во поглед на крупните проекти од инфраструктурата. Во делот на патната инфраструктура, после неколку децении започната е изградбата на 104 километри нова автопатска мрежа. Започнато е со изградба и на два нови модерни автопати. Едниот „Гоце Делчев“, автопат кој води од Скопје до Штип со должина од 47 километри и претставува инвестиција од 206 милиони евра. Другиот автопат „Мајка Тереза“ кој води од Кичево до Охрид претставува најголема инвестиција во последните 50 години. Изградбата на овој автопат долг 57 километри чини 374 милиони евра. Во 2014 продолжи изградбата на новата автопатска делница Демир Капија – Смоквица со должина од 28 километри, вредна 219 милиони евра. Изградбата на овие три автопатишта преставува изградба на 132 км автопатска мрежа или 50 отсто од постојната.
Минатата година се работеше на изградбата и на пет регионални патни правци и еден експресен пат (Велес – Кадрифаково) со вкупна должина од 83,4 километри, а изградени се и 70 локални патни правци со вкупна должина од 125 километри.
Во делот на железничката инфраструктура, почнати се најкрупните проекти досега кои значат комплетно поврзување кон Албанија и Бугарија. Започна изградбата на пругата од Куманово до Белјаковце вредна 39 милиони евра. По 33 години почна и реконструкција на Железничката станица во Скопје, вредна 2,5 милиони евра.
Освен во инфраструктурата, во 2014 се инвестираше и во училишта, на градинки, културни домови, библиотеки, водоводи, канализациски мрежи, пречистителни станици, спортски игралишта и сали и други капитални проекти. За капитални инвестиции од областа на образование, детска заштита и спорт од буџетот 2014 беа издвоени 2,4 милијарди денари, за изградба на јавни здравствени установи, за клиниките во Скопје и во Штип 1,9 милијарди денари, за енергетски и комунални инфраструктури 1,3 милијарди денари за изградба на технолошко-индустриските развојни зони 505 милиони денари, покажуваат податоците на Министерството за финансии.