Започнуваат „Прличевите беседи“

Општина Охрид ги поддржува културните случувања кои во рамки на манифестацијата „Прличеви беседи“ овој четврток и петок ги организираат националните установи, Библиотека, Центарот за култура, Завод и музеј и Основното училиште кои го носат името на ловроносецот Григор Прличев.

Свеченостите во четврток започнуваат во Библиотеката со почеток во 11 часот кога е закажана промоција на ЦД издание во аудио форма за животот на Григор Прличев по објавување на поемата „Сердарот“. Веднаш потоа во Центарот за култура ќе биде изложбата на фотографии од колекцијата на оваа институција, а точно напладне е свечената академија, посветена на наградената поема за 2014 година , “Амбар“ од Славе Банар.

Попладнето во 18:30 часот учениците од Подрачното училиште „Григор Прличев“ во населба Рача ќе одржат свечена приредба.

Свеченостите продолжуваат во петок со полагање на свежо цвеќе пред споменикот на Григор Прличев во дворот на истоименото основно училиште по што во 11 часот ќе се одржи панихида и ќе се положи цвеќе пред гробот на Григор Прличев. Точно напладне во спомен куќата на Прличев ќе се одржи културно- уметничка програма, а веднаш потоа пред бистата на поетот кај Библиотеката ќе се положи свежо цвеќе. Во 13 часот во Библиотеката ќе се одржат, беседата и охридската визита.

Годинешните случувања посветени на ловроносецот, завршуваат попладнето во ЦК „Григор Прличев“, со ликовната изложба на цртежи од учениците од истоименото основно училиште и со свечената приредба која ќе се одржи по повод патрониот празник.

Инаку, по повод 155 години од наградувањето на поемата „Сердарот“, Општина Охрид во соработка со охридските основни училишта во текот на месец март годинава ќе реализира рецитаторски натпревар на кој ќе се презентираат творби од творечкиот опус на Григор Прличев и творби од други автори кои пишувале за него. По повод натпреварот на 25-ти март, градоначалникот Никола Бакрачески на најдобриот рецитатор на симболичен начин ќе му додели ловоров венец.