Министерката Јанкулоска во посета на поплавените села во кумановско

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денес ги посети селата Доброшане, Довезенце и Јачинце од кумановскиот регион коишто во изминативе денови беа погодени од поплавите предизвикани од поројните дождови. На средбата со жителите од овој регион Јанкулоска истакна дека овие населени места по течението на реките Пчиња и Кумановка се всушност најдиректно погодени од излевањето на речните води.

„Дел од куќите се под вода и голема површина на земјоделско земјиште. Она од што луѓето од овој крај ја обезбедуваат својата егзистениција е поплавено и голем дел од овие површини и земјоделското производство веќе се уништени“, констатираше Јанкулоска, истакнувајќи дека надлежните институции настојуваат да утврдат што како приоритет е неопходно за жителите и најавувајќи дека ќе се направи анализа за санација на штетите, откако водата целосно ќе се повлече.

„И оваа година поплавите го погодија Кумановскиот регион. За жал вчера овде имавме и жртва, настрада дете што само по себе ја прави ситацијата уште потешка и покмплицирана“, нагласи министерката Јанкулоска, притоа потенцирајќи дека во разговорите со жителите од овие места треба да се види што е тоа што може дополнително да се помогне.

Исто така, Јанкулоска изјави дека од почетокот на овие временски неприлики, сите институции максмално се мобилизирани, на располагање на загрозеното население ставени се припадниците на МВР, АРМ, а каде што е потребно ЦУК, ДЗС и сите други кои на кој било начин може да помогнат.

Според Јанкулоска во овој момент е најважно оние луѓе чии домови се поплавени да бидат згрижени, да им бидат обезбедни основни намирници, продукти, вода за пиење и се што е потребно за да ги поминат овие денови додека водата се повелече.