Македонска опера на сцената на МОБ

Македонското оперско дело „Змејовата невеста“ на композиторот Стојан Стојков, а во режија на Дејан Пројковски, деновиве премиерно беше изведено во Македонската опера и балет. Ова е прва опера на македонски јазик поставена на сцената на МОБ по цели 10 години од последната премиерна изведба на опера напишана од македонски автор, делото „Лидија од Македонија“ на Ристо Аврамовски.

Ова национално дело е работено според истоимената драма на Димитар Г. Молеров, а диригент е Саша Николовски-Ѓумар, кореографијата е на Олга Панго, сценографијата на Валентин Светозарев, а костимографијата на Марија Пупучевска.

Во операта „Змејовата невеста“ во која преовладува лириката, мелодичноста и едноставноста настапуваат Милка: Катерина Стојановска, Наде Талевска, Змеј: Кристијан Антовски, Ернес Ибраимовски, Мајката на Милка: Марика Поповиќ, Мајката на змејот: Катерина Весковска, Друг змеј: Владимир Саздовски, Диме Петров, Стоица: Дејан Стоев, Јане Дунимаглоски, Митана: Ивана Андоновска-Свилар, Милена: Николина Јаневска…, балетските солисти:Билјана Басмаџиева и Игор Велановски како и хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на МОБ.