Со цел унапредување на можностите за бизнис заедницата и создавање на услови за поефикасно стопанисување со просторот, и како одговор на барањата на бизнис заедницата, Владата на Република Македонија ја започнува постапката за продажба на деловен простор кој е во сопственост на Република Македонија, информираше на денешната прес-конференција, портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев.
„Се започнува со операционализација на една активност, која е резултат на подолг дијалог со бизнис заедницата, и за која најпрвин беа направени законски измени и решенија, потоа се пристапи кон анализа на расположливиот простор, проценка на вредноста на тој простор, за потоа и да се донесе одлука за почеток на процесот.
Согласно нашите проценки, предмет на овој процес ќе бидат околу 1000 единици деловен простор. Во првата фаза, за кој е донесена и одлука, ќе биде објавен јавен оглас за продажба на 100 единици деловен простор со кои стопанисува АД за стопанисување со деловен простор во државна сопственост-Скопје.
Согласно владината одлука во овој прв пакет се содржат 100 деловни простории низ целата територија на Република Македонија, меѓу кои во Скопје 22 деловни простории, Кичево 11, Куманово 9, Тетово 8, Битола 7, Штип 7, Прилеп 6, Струмица 4 деловни простории и деловни простории во други градови, односно се работи за постапка за продажба на деловен простор во 19 градови на целата територија на државата, а вкупната квадратура на деловните простории кои се предмет на продажба во овој прв пакет е 7253 метри квадратни.“- истакна Ѓорѓиев.
Постапката за продажбата на деловните простории ќе ја води АД за стопанисување со деловен простор во државна сопственост-Скопје, согласно Законoт за продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Република Македонија.
Ѓорѓиев додаде дека огласот кој ќе биде објавен ќе трае 30 дена, а сите заинтересирани физички и правни лица пријавите за учество ќе можат да ги достават електронски на интернет-страната www.deloven-prostor.mk. Во рамките на самиот поднесок покрај пријава од подносителот, во која се наведени име и презиме, односно назив, адреса и контакт телефон, треба да се достави банкарската гаранција за сериозност на понудата за учество на јавното наддавање во износ од 2% од проценета вредност на деловниот простор за кој се аплицира. Физичките лица кои аплицираат треба да достават и уверение за државјанство, во оригинал или копија заверена на нотар, не постаро од 6 месеци, а правните лица доказ за регистрација на правното лице издаден од соодветен регистар, во оригинал или копија заверена на нотар, не постар од 6 месеци.
„По пријавувањето, субјектот кој аплицирал ќе добие известување за тоа кога ќе се одржи електронската јавна аукција за деловниот простор за кој аплицирал, со наведен ден и час и шифра за влез во системот на електронска аукција.
На денот на одржување на јавната електронска аукција, оној субјект кој аплицирал и во наддавањето истакнал највисока цена за деловниот простор се здобива со право и можност да го купи тој деловен простор.“- рече Ѓорѓиев.
По завршувањето на аукцијата најповолниот понудувач е должен во рок од 15 дена од денот на приемот на писменото известување за избор да ги уплати средствата согласно постигнатата крајна цена од наддавањето и до Комисијата да достави доказ за извршената уплата и потоа да се пристапи кон склучување на договор.
„Сметаме дека со овој процес ќе има позитивни ефекти, приватниот сектор ќе добие можност да купи деловен простор и на тој начин да може да ги остварува разните ефекти од стопанисувањето со истиот простор кој би бил во негова сопственост, што несомнено ќе придонесе за подобрување на економскиот перформанс на приватните субјекти и за поголеми можности за раст и развој на нивната дејност.“– заврши Ѓорѓиев.