Реализиран проект „Недела на информатиката“ во ОУ „Живко Чинго“

По повод „Светскиот ден за безбеден Интернет“ во ОУ „Живко Чинго“ Велгошти – Охрид беше одржана „недела на информатиката“ под менторство на наставникот по информатика Дубравка Сершиќ.

„Спроведовме работилница со родители на тема „Креирање подобар и безбеден Интернет“. Покрај предностите кои ги има користењето на интернет дискусијата ја фокусиравме на опасностите кои демнат и заеднички заклучивме дека освен мерките кои можеме да ги спроведеме, најважно е учениците да водат разговори со родителите, наставниците и отворено да дискутираат за потенцијалните опасности. Беше проследено едукативно видео за злоупотреба на интернетот, каде што родителите активно се вклучија во дискусијата поврзана со надминување на потенцијалните опасности. Во работилницата која беше реализирана со учениците од VI и VII одделение беа анализирани прашања од анкетата која претходно беше зададена, квиз прашања „Каков онлајн пријател си ти“ каде што учениците зедоа активно учество со дискусии, раскажување на искуства и предлози за подобро и побезбедно користење на Интернет.“ – информираат од училиштето.

Во проектот беа вклучени и учениците од V одделение, во кој учениците од информатичката секција (VI и VII одд.) дадоа придонес во реализирање на предавањето – презентација за придобивките и опасностите на Интернет, како и спроведување на активноста „Feeling barometar“ која е адаптирана од сајтот SID – Safer Internet Day. Притоа децата разменуваа различни ставови, покажуваа различни чувства за исти ситуации и дискутираа како треба да се однесуваат на Интернет. Како дел од активностите беше одбележан и „Светскиот ден за безбеден интернет“ во соработката со наставниците по информатика од училиштата: ОУ „Крсте Мисирков“ – Скопје и ОУ „Страшо Пинџур“ – Неготино.

WebOhrid