Претседателот Иванов се сретна со Комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување, Јоханес Хан

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими Комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување, г. Јоханес Хан.

На средбата беше разговарано за интеграцискиот процес на Република Македонија во Европската унија, за унапредувањето на добрососедските односи, како и за актуелните случувања во земјава.

Претседателот Иванов истакна дека нашата држава останува целосно посветена на отворањето на пристапните преговори и спроведувањето на реформите за членство во ЕУ, потенцирајќи дека е потребно Европскиот Совет да ги согледа последиците од моменталната статус кво состојба и да најде начин за валоризација на позитивните препораки од Европската Комисија.

Во тој контекст, македонскиот претседател побара поактивен ангажман и поддршка од комесарот Хан, и укажа дека предолгото чекање за следниот исчекор во евроатлантските интеграции, предизвикува фрустрации во нашето општество, нестабилност во политичкиот живот и тензичност во меѓуетничките односи.

Претседателот Иванов го реафирмираше ставот на Република Македонија за градење и унапредување на добрососедските односи и регионалната соработка, како и подготвеноста за решавањето на сите отворени прашања, со цел придонес за стабилноста и просперитетот на целиот регион.

„Позитивните примери во нашиот регион, на паралелно движење во интеграциите и надминување на билатералните разлики, треба да се применат и во случајот со Република Македонија и нашиот јужен сосед”, рече претседателот Иванов.

Во однос на последните случувања во Република Македонија, претседателот Иванов порача политичките субјекти да се однесуваат разумно и одговорно, во согласност со интересите на граѓаните и државата.

„Како демократска држава мора да покажеме зрелост пред предизвиците што се јавуваат во општеството, и истите мора да се решаваат по институционален пат, низ отворен дијалог. Како Претседател давам целосна поддршка за ефикасно и транспарентно постапување на сите надлежни државни органи во утврдувањето на постоење на активности спротивни на уставно-правниот поредок, и во санкционирањето на сторителите на кривични дела”, истакна македонскиот претседател.

Комесарот Хан, изрази надеж дека Република Македонија ќе продолжи со реформските процеси и што поскоро ќе ги почне преговорите за членство во Европската Унија.

„Мојот став и ставот на ЕУ е дека сите политички партии треба да ја имаат политичката дебата во парламентот, а не надвор од парламентот. Тука сум за да помогнам да се најде излез од политичката состојба. Опозицијата да се врати во парламентот, и таму да се решаваат сите политички прашања”, порача комерасорот Хан, и додаде дека е потребно Македонија напорно да работи на клучните забелешки од Извештајот за напредокот на Европската Комисија.