Работнички го освои кошаркарскиот Куп на Македонија

Во одлична атмосфера во СЦ „Јане Сандански“ се играше финалето на 23-от Куп на Македонија, кое беше изедначено во најголемиот дел од првото полувреме. По поените на Чековски и Соколов, Работнички рано поведе со 7-2, но преку Божовиќ, Дунџерски и Брчков екипата на Кожув успеа брзо да направи пресврт и да дојде до предност. Пред самиот крај на првото полувреме, гевгеличани поведоа и со 5 поени разлика, сепак Чековски намали и на пауза се замина со 34-32 за Кожув.

Сепак, со самиот почеток на третата четвртина, Работнички одигра одлично во одбрана а за тоа најдобро говори фактот што Кожув своите први поени од поле во четвртината ги постигна по дури осум минути игра. Борбеноста под кошевите на Чековски и Гечевски, надополнета со прецизниот шут од далечина на Паковиќ, Мираковски и Соколов, му донесоа предност на Работнички која во еден момент достигна и највисоки 17 поени (61-44). Дека Кожув немаше намера рано да се предаде, потврди на почетокот на последниот период, кога со тројкте на Главчев, Дунџерски и Гоцевски, гевгеличани вратија со серија од 13-0, сепак следуваше многу важна тројка на Павковиќ, а по добрата одбрана и поени на Гечевски, кои практично го одлучија победникот. Работнички повторно стигна до двоцифрена предност, која знаеше како да ја задржи за триумф од 74-66 и деветти трофеј во престижното натпреварување.

Ѓорѓи Чековски со 18 поени, 6 асистенции, 5 скокови, 2 украдени топки и 1 блокада беше најефикасен во тимот на Работнички, а по натпреварот го доби и признанието за МВП на финалето. Покрај Чековски, впечатлив меч одиграа и Павковиќ со 16 поени (4 тројки), Соколов со 12 поени, Гечевски кој на деветте поени додаде 11 скокови, како и Мираковски и Димчевски. Кај Кожув, Слободан Божовиќ реализираше дабл-дабл од 11 поени и 11 скокови, а двоцифрени беа и Јанушевиќ со 15 поени, односно Дунџерски кој додаде 13 поени. Недостасуваа поените на капитенот Миладин Пековиќ, кој беше човек на одлука во полуфиналниот меч против МЗТ.

Оваа победа на Работнички го враќа големиот Куп-пехар во Градскиот парк по три-годишната доминација на МЗТ во ова натпреварување. Црвено-белите остануваат најтрофејни во Купот на Македонија, сега со 9 трофеи, односно 2 повеќе од МЗТ Скопје. Во 23-годишната историја, по 2 пати на трофејот се радуваа Никол Ферт и Фени Индустри, а по еднаш го освојуваа и Вардар Осигурување, Деликатес Кочани и Амак СП. За Кожув, ова беше прво финале во историјата на клубот.