Министерот Јолевски ги посети учесниците на Курсот за стратегиско лидерство во Охрид

Развојот на лидерството и размената на искуства и мислења околу местото на теориите и моделите на лидерство во областа на одбраната е од исклучително значење имајќи ја предвид нашата цел за воспоставување на ефикасен одбранбен систем.

Ова го истакна министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, пред учесниците на еднонеделниот Курс за стратегиско лидерство кој се одржува во Охрид, во коорганизација на Министерството за одбрана и Амбасадата на Обединетото Кралство во Република Македонија.

Министерот Јолевски додаде дека станува збор за многу интересна материја која мора да биде предмет на изучување, особено имајќи предвид дека вработените во Министерствата за одбрана работат во една стратешка област, како што е одбраната и безбедноста.

На курсот кој обработува повеќе теми меѓу кои и лидерството, командувањето и менаџирањето во стратешки средини, потребата за развој на меѓу-културно лидерство, запознавање со етичките теории и носењето на критични одлуки во комплексни ситуации, учествуваат триесетина високи претставници и офицери од одбранбениот сектор и сродните институции во Република Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Украина, Грузија, Ерменија, Азербејџан и Обединетото Кралство.

Курсот за стратешко лидерство завршува во текот на денешниот ден со разгледување на неколку студии на случај и официјално врачување на сертификати за учество на курсот.