Заев: Груевски одмазднички го срушил Космос на Фијат Цаноски

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денес одржа прес-конференција, на која истакна:

„Пред очите на јавноста се неспорни фактите што ги обелоденуваме во проектот Вистината за Македонија.

Братучедите Никола Груевски и Сашо Мијалков неовластено масовно прислушувале, злоупотребувајќи ги своите овластувања, користејќи ги сите државни механизми и апаратура за свои лични цели. За воспоставување целосна контрола врз се во државата.

Тоа е единствениот начин преку којшто овие луѓе се одржуваат на власт.

Јасно е зошто Никола Груевски, онака осамен излезе на прес конференција и изнесе лаги, нереални и контрадикторни тези. Се работи за неговото сопствено спасување и затоа продолжува да ја лаже јавноста.

Празни фрази за некаква тактичка опрема, клонирани системи и странски служби само за да покаже дека бил загрозен. Загрозен бил човекот?!

На завчерашната прес конференција Никола Груевски освен што се стави во улога на полициски портпарол кој манипулира, тој очајно молеше јавноста да ги затвори и очите и ушите за овие грозотии од неговиот начин на владеење што ги гледаат и слушаат овие денови. Да му веруваат на зборот дека тој не е нечовек, дека неговите соработници не се нелуѓе.

Денеска почитувани граѓани ќе објавиме нови докази кои целосно го покажуваат вистинското лице на Никола Груевски.

Ќе ја чуете суровоста и одмаздничкиот порив на овој човек, кој заедно со своите најблиски соработници е подготвен да ги сотре сите коишто не размислуваат како него.

Почитувани граѓани,

Веднаш по изборите 2011 година и згаснувањето на А1 телевизија под директен налог и нарачка на Никола Груевски се руши милионската инвестиција на Фијат Цаноски, објектот Космос.

Целта е политичка одмазда кон Фијат Цаноски.

Никола Груевски лично ја иницира и контролира целата акција на срамнување на објектот со земја, Груевски лично за таа цел нарачува менувања урбанистички планови, сугерира користење на нивните инсталации во судството, договара медиумски сензации и манипулации за да се оправда пред меѓународната заедница.
Еве слушнете и уверете се. Разговорите се меѓу министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески кој ги прима наредбите и нарачателот Никола Груевски.

Од првиот разговор ќе слушнете како Никола Груевски диктира кога да се достави решението за рушење на објектот Космос, до инвеститорот Фијат Цаноски. По инструкции на Груевски, тоа треба да биде после “три – четири“ часот попладне.

Во следниот разговор Јанакиески добива насоки од Груевски како да се збрише објектот Космос. Груевски нарачува кај Јанакиески промена на Деталниот урбанистички план и преадаптација на просторот во “парк со фонтани“.

По некоја минута Груевски се предомислува и доаѓа до нова идеја во неговиот одмазднички план кон Цаноски. За да го снема објектот Космос, Груевски бара од Јанакиески да се сменат и Генералниот и Деталниот урбанистички план.

Следуваат инструкции на Јанакиески од Груевски за почетокот на рушењето на објектот Космос. И датумот го одредува Груевски. Проценува дека е најдобро по изборот на Влада, за опозицијата да не го напуштела Парламентот поради случајот.

Во следниот разговор со Јанакиески, Груевски носи конечна одлука, дека е подобро објектот Космос да се руши “во фул сезона на годишни одмори“, па дава нови инструкции акцијата да почне на 1 август.

Следниот разговор помеѓу Јанакиески и Груевски е во текот на рушењето. Груевски не е задоволен од спроведеното, вели дека била направена “многу ситна штета“. Дополнително, овој разговор ги потврдува инсталациите на Груевски во судството. Кога Јанакиески го информира Груевски дека е на теренот дојдена судијка, која може да издаде судски налог за забрана за рушење и дека за случајот е надлежен Основниот суд Скопје 2, Груевски го упатува Јанакиески, цитирам, “Да се слушнеш со највисокиот“!

Следниот разговор во целост го покажува вистинското, одмазничко и безкрупулозно лице на Груевски. Ужива во постапката и динамиката за рушење на објектот.

Разговорот меѓу Јанакиески и Груевски што сега ќе го слушнете е класична потврда за одмаздничкиот потег на Груевски кон Цаноски, сват на сопственикот на А1 телевизија, Велија Рамковски. Груевски е задоволен од дотогаш завршената работа и констатира “Штом е онеспособен, завршена е работата“.

Последниот разговор целосно го разобличува Никола Груевски. Освен одмаздата ништо друго не го интересира. Ниту реакција на меѓународната јавност, ниту почитувањето на законите, правото и правната држава. Единствено за што е заинтересиран е покритие на злосторот што го прави.

Ете тоа е почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите вистинското лице на Никола Груевски. Човек – нечовек. Нема да употребам други зборови затоа што никој не треба да шири омраза. Само ќе кажам…

Еве ова е тој Груевски кој со помош на широкото уво на неговиот братучед Мијалков ништи се пред себе од фрустрации, за освета, за лични цели.

Почитувани граѓани,

Да не дозволиме ова, никогаш повеќе да се повтори. Ветуваме дека нема да дозволиме да се повтори!

Но, вистината за Македонија до крај ќе биде обелоденета.

Ништо нема да не запре!

Продолжуваме!“– истакна Заев.

Извор: www.sdsm.org.mk