Со цел контрола врз нелегални обложувалници, вчера заедничка координирана акција, СВР Охрид реализира со УЈП. Контрола беше извршена во дваесет обложувалници во Струга, Кичево, Дебар и Центар Жупа, при што во вкупно пет објекти-обложувалници беа констатирани прекршоци согласно законот за игри на среќа и забавни игри.
Една обложувалница во Центар Жупа и две обложувалници во кичевските села Зајас и Грешница приредувале игри на среќа без лиценца односно без дозвола од надлежен орган. Во обложувалницата во општината Центар Жупа одземени се 5 телевизори, 2 компјутери, еден принтер, 4548 денари и друга опрема, од обложувалница во селото Зајас одземени се 2 телевизори, 2 компјутери, еден принтер, 1880 денари и друга опрема а во с.Грешница одземени се 2 телевизори, 2 компјутери и 3 принтери. При контрола во обложувалница во селото Зајас констатирано е дека обавува дејност без регистрирана фирма за што се изречени глоби врз основа на законот за регулирање на готовински промет.
Неправилности се констатирани и во обложувалници во струшките села Подгорци и Долно Татеши каде поради немање фискален апарат, една обложувалница е затворена до 30 дена.
Во согласност со Законот за игрите на среќа и забавните игри, према правните лица каде се констатирани неправилности, ќе бидат и поднесени кривични пријави.