Македонија предвреме и во целост го исплати долгот кон Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Со вчерашната трансакција во Вашингтон, префрлена е и последната рата од кредитната линија за претпазливост, вредна 174 милиони долари.
Со тоа, како што соопшти денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, заштедени се пет милиони евра на камати и курсни разлики, а подобрен е и имиџот на земјата зашто се намалени јавниот и државниот долг за 1,7 процентни поени.
Кредитот во износ од 312 милиони долари беше земен во 2011 година, а почна да се враќа кон средината на 2014-та. Последната рата е исплатена со средства од девизните резерви.
„За да го пресретнеме ризикот од натамошен раст на американскиот долар и на тој начин да заштедиме пари, направивме опсежни анализи земјаќи ги предвид сите можни сценарија и проценки за натамошното движење на американската валута во однос на еврото по што одлучивме дека е добро и корисно предвреме да се отплатат преостанатите 174 милиони долари“, нагласи Ставрески.
Според него, предвремената исплата се реализира врз основа на добрите приходи во буџетот и средствата обезбедени навреме со еврообврзницата минатата година.
„Секогаш кога економијата оди добро и кога буџетот има доволно средства, Владата се труди, преку проактивна политика, да стори се за да го намали долгот“, подвлече вицепремиерот.
Заклучно со јануари државниот долг изнесува 36,6 проценти, а јавниот долг 43,9 проценти.
Владината стратегија за предвремена исплата на долгови не се применува прввпат. И во 2007 година, потсети Ставрески, предвреме беше исплатен долгот кон Светска банка, Европската инвестициска банка и кон Парискиот клуб на доверители во износ од 233 милиони евра, со што се заштедија околу 50 милиони евра.
Министерот на денешната прес-конференција информира и дека кредитната агенција „Фич“ го потврди ББ+ рејтингот за Македонија со стабилни изгледи.
„Ова е уште една потврда за добриот резултат на македонската економија и за нејзините добри перспективи“, потенцира Ставерски.
Како што наведува „Фич“ во соопштението, задржувањето на висок степен на макроекономската стабилност, ниското ниво на задолженост и добрата бизнис клима што резултира со се поголем број странски инвестиции, се главните позитивни карактеристики за стабилниот кредитен рејтинг на Македонија во време кога рејтинзите на многу земји во регионот и Европа се намалени.
„Со ова се праќа уште една порака кон инвеститорите дека Македонија има макроекономска стабилност, добра бизнис клима, добри услови за водење бизнис и добра перспектива за одржување на нивото на раст на економијата на околу четири проценти што е меѓу најдобрите во Европа“, посочи Ставрески.