Ставрески: Сценариото на Заев нема да помине, состојбата во економијата е добра

Ништо од она што Зоран Заев денеска го зборуваше, не коресподнира со реалноста. Слушнавме замена на тези и селективни разговори, надвор од вистинскиот контекст, рече попладнево вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, коментирајќи ја последната „бомба“ на СДСМ.

Македонската економија е во добра состојба, напомена Ставрески, и никакво сценарио за банкрот нема да се случи. Кондицијата на буџетот е одлична, а тоа го потврди и предвременото раздолжување кон ММФ.

„И денеска, по којзнае кој пат, беа изнесени истите тези дека државата е пред колапс и банкрот, дека ќе има економска апокалипса, дека нема да има пари за исплата на пензиите, субвенциите, дека буџетот ќе се сруши, дека ќе се дестабилизира сосотојбата, а всушност, ништо од тоа не е точно“, нагласи Ставрески.

Граѓаните, порача, треба да се водат од реалноста, од она што го гледаат, од аргументите и фактите кои велат дека последниве години невработеноста е намалена за една третина, креирани се 125 илјади работни места, како резултат на реформите во земјава дојдоа над 30 странски компании, државниот долг е под 35 проценти од БДП или меѓу четирите најниски во Европа, пензиите континуирано се зголемуваат и стапката достигна до 62 отсто, се зголемува и социјалната помош, а над 600 милиони евра се издвоени и за земјоделците.

Иако денеска Заев сакаше да не прикаже нечовечни и злобни, додаде, се покажа дека се грижиме за граѓаните.

Дел од стратегијата на опозицијата, оцени Ставрески, е веројатно, добриот тренд на македонската економија да биде нарушен зашто таа долги години работи по тој принцип – колку полошо на луѓето и еокономијата, толку подобро за нив.

„Тоа е лош политички пристап кој граѓаните на крај, на избори, го казнуваат. Сепак, граѓаните треба да се сигурни во сите мерки што ги правиме, во сите политики, посебно во односот кон бизнисмените кои никогаш не ги потецнуваме како што го направија Заев и СДСМ, туку напротив, имаме партнерски однос со нив и тие може да сметаат на стабилност и да продолжат со инвестициите и со отворање работни места“, нагласи Ставрески.

Според Ставрески, после сите напади и обвинувања од страна на опозицијата македонската економија излегува посилна, а на првите наредни избори граѓаните ја даваат довербата на ВМРО-ДПМНЕ, а СДСМ трпи порази.

Одговорајќи на новинарско прашање, вицепремиерот подвлече дека целиот процес на изнесувањето прислушкувани разговори ќе мора да има правна разрешница. Во секој случај со ова, најголема штета им се нанесува на државата и на граѓаните.

„Поради карактерот и природата на снимките и заради начинот со кој со нив се располага, незаконски, во оваа фаза не можам да коментирам за нешто што ќе биде предмет на правна разрешница и на работа на институциите. Кога тие ќе ја завршат постапката, ќе се дојде до одговор за сите факти“, нагласи Ставрески.

Според него, воопшто не постоела каква било намера за намалување на платите, ниту тоа било дек од владината програма.

„Ако нешто негативно требало да направиме, тогаш најрпво ќе излезевме пред граѓаните за да им кажеме зошто тоа би го сториле тоа, а тие да дадат „амин“. Само тогаш смееме тоа да го направиме. Во 2009 и 2012 се откажавме од многу работи, вработување административци, ги замрзнавме платите краток период, ги скративме непродуктивните расходи. Тоа беа нашите мерки како одговор да не дојде до намалување на пензиите и да нема отпуштања,“ истакна Ставрески.

Нормално е, додаде, луѓето во Владата да имаат различни мислења, но сите тие се ставаат на маса, се разгледуваат, се разменуваат аргументи и на крај се бира најквалитетно решение за граѓаните, согласно програмата. – Со таков пристап, на поттикнување дебата, што сметам дека е многу здрав, се донесуваат решенија и се води економска политика, потенцира Ставрески.

Програмата за работа на Владата вклучува проекти во сите сектори. Притоа, како што објасни вицепремиерот, се води сметка секаде да се даде максимумот, да се проектираат колку што може повеќе средства и тој процес не е еднонасочен. И покрај проектот „Скопје 2014“, не беше запоставен ниту еден сектор, се одвојуваа пари за опрема во здравството, за лаборатории во образованието, за дисперзирани студии,…

„Секој од Владата учествува во креирањето на програмата. Природно е, во сите земји, министрите и премиерот да сакаат секогаш повеќе пари за сите проекти. Така беше и за пензиите, премиерот сакаше повеќе, но поразговараме и заедно дојдовме до констатција што е реално можно, тоа им го кажавме на граѓаните и тие ја поддржаа да програма,“ истакна Ставрески.

Во врска со досегашното работење, додаде, Македонија успешно се справуваше и со глобалната криза иако беше исправена пред тешки предизвици, а Владата, паралелно со политиките што ги водеше, наоѓаше пари за сите сфери, културата, спортот, инфраструктура…,

„Се градат во исто време најголем број инфарструктурни проекти колку што вкупно за 20 години не се изградени, од автопатишта до регионални патни правци. Граѓаните можат да бидат спокојни. Ние сме покажале што можеме за нив да направиме и како ја водиме економијата, а така ќе биде и во иднина“, посочи Ставрески.

Просечната плата во Македонија изминатите девет години е зголемена за 50 проценти, а во цела Европа просечната плата се намалуваше.

„Зголемувањето можеби не е големо, но сепак е позитивно бидејќи платата се зголемува во услови кога во други земји во Европа се намалува, а да не спомнувам колку луѓе во Европа останаа без работа, додека кај нас вработеноста се зголемување и се отвораа работни места. Секако, ние имаме амбиции за повеќе и следниот период ќе настојуваме тоа да го реализираме, но максимумот го извлековме“, рече вицепремиерот и министерот за финансии Зоран Ставрески.