Груевски: Да се искористи можноста за бесплатен елаборат за легализација

Процесот за легализација на дивоградби се одвива добро. Досега се пристигнати и одобрени над 2.800 барања за бесплатна изработка на елаборати за легализација на дивоградби од приматели на социјална помош и лица со ниски примања, информира денеска премиерот Никола Груевски.

Лицата кои поднеле такви барања, потенцира Груевски, ќе се стекнат со решение за легализација. Апелира сите кои ги следува бесплатен елаборат што поскоро да достават барање во предвидениот рок.

„Државата покажа голема подготвеност, најде начин и сили за сите кои се приматели на социјална помош да обезбеди бесплатно да добијат елаборати. Сега останува тие да се вклучат во процесот и да го побараат тоа“, изјави Груевски, одговарајќи на новинарски прашања.

За процесот на легализација, потсети премиерот, овозможено е да се легализираат дивоградби по цена од евро за метар квадратен.

„Процесот тече и сите треба да достават елаборати“, наведе Груевски.