Денес Вевчани и неговото училиште слават два празници, патронат и 180 години образование во Вевчани. Основното училиште „Страшо Пинџур“ од Вевчани е едно од првите основни училишта во Македонија на мајчин јазик. Неговото институционално раѓање во 1835 година доаѓа како резултат на вековниот стремеж на Вевчанци постојано да бидат во чекор со прогресот, а своето културно издигнување да го темелат на науката и знаењето. Низ својот долгоизоден пат, образованието имаше и подеми и падови.
„Чувствуваме потреба накратко хронолошки да го проследиме образованието од далечната 1835 година од неговите зачетоци, откако година пред тоа скадарскиот везир Афас дал одобрение за црква и за отворање на училиште во Вевчани. Тогаш ги наоѓаме и првите форми на настава на дечињата собрани околу својот прв учител вевчанецот Јован Киров во ајатите на „Долна црква“ Св. Богородица, а потоа и околу други учители кои разговарале и ги подучувале своите ученици на народен мајчин јазик, ама ги учеле да пишуваат со грчка азбука. Вевчанци на почетокот во натура ги плаќале своите учители.
Со отворањето на училиште и како што се менувало владењето над Македонија, така се менувале и туѓите политички и асимилаторски пропаганди, грчки, српски или бугарски, но Вевчани успевало да издржи и да се спротивстави на виорите на тие ненародни режими и туѓи асимилаторски влијанија кои имале цел да откорнат се што е македонско од детското срце. Во таа смисла им успевало само во евидентните книги да им го променат завршетокот на презимето на децата со – иќ, или – ов, но никако и никогаш не се успеало да го победат нивниот мајчин јазик, така свој, вековит и најмил.“- велат од општина Вевчани.
Веќе во 1868 година, Вевчанци си изградиле училиште во дворот на „Горна црква“, црквата Св. Никола и децата од ајатите учат во новото училиште. Архитектонски и надворешно многу било интересно училиштето, но практично мало и недоволно функционално.
„Ќе го споменеме и тоа дека во почетокот се сметало дека училиштето е грчко, во шеесеттите години на деветнаесетиот век , бугарско, во седумдесеттите години на тој век српско, па до Балканските војни пак бугарско, а после првата светска војна – повторно српско. А учителите, после Јован Киров од Вевчани кој учителствувал скоро 20 години, се редат многу охриѓани меѓу кои се истакнува Аргир Маринов кој бил и ревулуционер, па според тоа и најпрогресивен учител кој оставил и свои траги во своето работење – напишал летопис и благодарение на него денес имаме многу податоци од тој период, па потоа учители Вевчанци меѓу кои Ристо Угринов, Димитар Даскалов кој најдолго учителствувал (скоро 30 години), па Трпо Чочоров, Трпо Дејков, Спасе Попов и многу многу други. Повеќето од нив знаеле само да пишуваат, приучени или попови, со скромни знаења што можеле да им ги пренесат на своите ученици.“- велат од општината.
Училиштето во Вевчани се викало „Св. Пас“, а за да ги привлечат женските деца да го посетуваат училиштето во учебната 1890/91 година отворено е женско училиште со име „Надежда“ кое работело до учебната 1898/99 година. Спроти Илинденското востание, во учебната 1902/03 година, направен е прв чекор за гимназиско образование , ама се запишале само 4 ученици. Во 30-те години на 20-от век, покрената е иницијатива на претседателот на Вевчанската општина Кузман Гогов, за изградба на нов училишен објект-денешната зграда на Здравствениот дом, во кој учеле и октишки деца, но само неколку години, зашто фатила НОБ – па училиштето паузира 4 години.
Во слободна Македонија во 1945 година, почнува со работа Вевчанското училиште, како сеумгодишно основно училиште со денешното име на ваташкиот херој и револуционер Страшо Пинџур, ама пак во црковното училиште но и во приватни куќи, поради демолираноста на училишниот објект. А во 1947 година, како никогаш дотогаш се буди градителскиот дух на вевчанци и со желба да оди животот во се напред го градат Задружниот дом, Хидроцентралата и училиште – онаа велелепна раскошна зграда и за тогашни услови невидено архитекстонско здание во центарот на Вевчани. И сите три објекти народот ги гради со свои раце, со свој труд, со свој градежен материјал.
Како што светнува струјата во Вевчани, така блеснуваат условите за соверемено, квалитетно и за тогашни услови модерно образование. Учители – ентузијасти – квалитетно и без умор работат со децата за нивно трајно знаење, зошто знаеле дека плеќите на тие деца ќе го носат идниот развој на населбата. Така во 50-те години на училиштето станува културно – просвдетен центар за населбата, за својата квалитетна воспитно-образовна дејност две години една по друга е наградувано и во учебната 1957/58 година и во 1958/59 година . Тоа е периодот кога се спроведуваа реформи во образованието во Македонија, а училиштето во Вевчани е определено како едно од петте експериментални училишта, а за постигнатите резултати во 1958/59 година, добива Републичка награда. Упорно простуми Вевчанското училиште и продолжува да добива признанија. Во 1986 година добива Општинска Осмоноемвриска награда, а во 1992 година на предлог на Педагошкиот завод на Македонија – Сојузот на синдикатите на просветните работници го прогласува како најуспешно основно училиште во Македонија. Од страна на учениците пак до денес постигнати се редици општински, регионални и републички награди по разни наставни предмети. Вакви резултати се постигнуваа во наставната пракса дури и тогаш кога и потребните наставни средства и помагала не биле доволни, дури и тогаш кога таа убава зграда откажа послушност и стана небезнедна за децата и премала за да им даде простор на современите потреби како и на зголемениот број на наставни предмети: информатика, англиски јазик, зголемени часови на спорт и физичко образование, граѓанско образование и редица други изборни предмети, па дополнителна, додатна настава и слободни ученички активности.
„Денес сме среќни што заслужено добивме нов училишен објект, а наскоро ќе добиеме и спортска сала. Имаме здрав, широк простор со светли училници. Сонувавме за ваков објект и верувавме дека сега ќе имаме и кабинетска настава и целодневна. Со квалитот на стекнатите знаењеа, овде сите ученици продолжуваат и ги завршуваат средните училишта, а потоа многу од нив со завршени факултети, магистратури и докторски титули, чесни и трудољубови, способни се да гарантираат утрешен побрз развој на Вевчани и на својата земја.“- додаваат од општина Вевчани.