Охридскиот совет на млади оствари средба со млади од Азербејџан

Советот на млади од Охрид, во рамките на својата меѓународна активност, вчера оствари средба со претставници на младински организации од Азербејџан, коишто во Охрид беа со посредство на Асоцијацијата на агенции за локална демократија (ALDA).

Гостите од Азербејџан се запознаа со улогата, функционирањето и тековните активности на Локалниот совет на млади. На средбата беа споделени корисни искуства за младинските политики во двете земји, а беше разговарано и за можна соработка во рамките на европските образовни програми.

На средбата присуствуваше и заменик-градоначалникот на општина Охрид, Ангел Јанев кој истакна дека ваквите иницијативи придонесуваат за зближување на различните култури, споделување на искуства меѓу младите и отворање на простор за заеднички проекти.