Заев: Почнуваме да ги разобличуваме изборните грабежи на Груевски

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, одржа прес-коференција, на која истакна:

„Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите

Денес малку повеќе ќе се задржиме, но ќе видите зошто.

Зборувавме дека Никола Груевски ги краде изборите, дека со фалсификат изборни циклуси се одржува на власт, дека за таа цел противуставно и противзаконски ги користи сите државни институции, дека употребува неуставни и незаконски механизми за контрола на гласачкото тело.

Денеска почнуваме да ги разобличуваме изборните грабежи што го прави Никола Груевски со неколкумина негови соработници.

Од скандалозните јасни и конкретни докази ќе слушнете како, во вистинска смисла на зборот, оваа група на власт ГИ МЕСТИ И ГИ КРАДЕ изборите во Република Македонија.
Од денеска, почитувани граѓани, почнуваме со Презентација на злоупотребите на Груевски и тесната група на власт при изборните процеси и грабежите на изборни циклуси во Македонија, незапаметени во светски рамки!

Ќе обелодениме докази за `се што правеле: од криминалите со издавања фалсификат лични документи на лица инструирани да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ; преку казни во илјадници евра на фирми, такси компании; најбезобразни притисоци врз земјоделците, администрацијата, наставниците, врз најранливата категорија граѓани – социјално загрозените. Како ги злоупотребувале пензионерите; како од позиција на власт масовно ги злоупотребувале институциите, што во текот на изборните процеси и за време на денот на избори работеле како изборни штабови на ВМРО-ДПМНЕ. Ќе станете сведоци за нечовечките и недозволиви притисоци што одат до одвратни закани за завршувања на семејства ВО ЕНДЕК!

Почнуваме со неколку области што јасно укажуваат на овие злоупотреби и кражби на избори.

Во првиот сет од 5 разговори ќе слушнете за криминалот со лажни гласачи во којшто учествуваат лично Никола Груевски и Гордана Јанкулоска. Ќе слушнете:

1. Како Јанкулоска признава дека во станови од по 40 квадрати се сместени по 50 луѓе од Пустец НА КОИ МВР ИМ ИМА ИЗДАДЕНО ЛИЧНИ КАРТИ, што е договарано, како што вели самата Јанкулоска, КОГА БИЛЕ КАЈ ПРЕМИЕРОТ!

2. Ќе слушнете признание, од разговор со Јанакиески, дека во скопската општина Гази Баба, едни исти луѓе, донесени од Свети Николе, по 10 – 15 во стан, се водат на повеќе адреси во општината и гласаат по неколку пати

3. Ќе слушнете разговор меѓу Јанкулоска и службеничка во МВР која известува дека во село со мал број гласачи, ставиле по 42-ца, 44-ца луѓе во една куќа!

4.Ќе слушнете разговор меѓу Груевски и Јанакиески, во којшто Никола Груевски за загубата на ВМРО-ДПМНЕ во Центар ЛИЧНО констатира, цитирам: “Прв круг да ни беа преспанците, ќе завршевме работа“!

5. Ќе слушнете како Јанкулоска дури се потсмева со луѓето од Пустец кои ги донеле да гласаат во Скопје.

Еве ги првите 5 снимки.

Во вториот сет од 4 разговори ќе слушнете за огромните притисоци што ги правел Груевски со неговите соработници врз фирмите:

6. Како се инструирани превозници на патници и стока, со најдрско повикување на заеднички состанок

7. Како инспекциите на УЈП под директива на Горан Трајковски се ставени во функција на притисоци со изречени казни за дуќани од по неколку илјади евра и како се подготвуваат истото да го направат во Турското маало

8. Како лично Миле Јанакиески дава налог за одземање лиценца на такси компанија

9. За инспекциите што се испратени по налог во Струмица да притискаат и да се закануваат.
Еве ги следните 4 снимки.

Следуваат три разговори што откриваат класични злоупотреби на земјоделците:

10. Лично признание на Миле Јанакиески за негов упад во откупни пунктови

11. Интервенции и селективност при акцијата за затворања објекти кон луѓе блиски до ВМРО-ДПМНЕ

12. Притисоци врз земјоделци кои примиле субвенции, со лични посети за да се добијат гаранции дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ.
Еве ги 10, 11 и 12 снимка.

Во следните 6 разговори ќе ја слушнете дрската и нечовечка манипулација на Никола Груевски со граѓаните приматели на социјална помош:

13. Како по инструкции на Јанакиески предизборно се договараат списоци за социјална помош за добивање гласови

14. Списоци на граѓани Роми на кои им е потребна социјална помош

15. Како и министерката за внатрешни работи помага во целиот овој процес.

16. Како договара исплати

17. Како за овие цели влегуваат во игра и пакети брашно

18. Ќе слушнете како Јанкулоска бара внимателно разработена шема за добивање гласови на Ромите во Куманово и како, замислете, министерката за внатрешни работи заговара, користење на нивни биометриски документи за гаранција дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ.

Еве ги следните 6 снимки.

Следните 4 разговори, почитувани граѓани, ги разобличуваат притисоците врз администрацијата и воспоставената контрола во институциите

19. Како Јанакиески наложува во Могила и Новаци директорите да ги стегнат вработените да гласаат
20. Како Јанакиески дава инструкции за притисоци врз наставници да донесат и други на гласање во вториот круг,

21. Какви притисоци трпеле вработените во општината Центар

22. За воспоставена целосна контрола над институциите во Град Скопје: ЈСП,Градски Паркинг, Водовод, Универзална сала, училишта.

Еве ги следните 4 снимки.

Еве нешто и за контролата врз медиумите. Ќе слушате повеќе за тоа во периодот што следува. Но еве денеска некои примери за време на изборен период.

23. Како сопственикот на Канал 5 телевизија му нуди на шефот на кабинет на Груевски, Мартин Протогер, да укине емисија што треба да се емитува или да ја исклучи струјата во телевизијата

24. Како се реализира договорено интервју на Сител со Груевски до полноќ и се договараат содржини што треба да се емитуваат на МТВ

25. За сервилноста на Драган Павловиќ Латас и понудите што ги има од министри на Груевски.
Еве ги следните снимки.

Слушнете во продолжение за скандалозните упади на Никола Груевски и неговите соработници во ДИК!

26. Како се договара кражба на Избирачки список во Центар за да се види кој гласал,а кој не
27. Разговор помеѓу Груевски и Јанакиески во којшто ЛИЧНО ГРУЕВСКИ дава налог за да има втор круг ДА СЕ НАПРАВАТ ШТО ПОВЕЌЕ НЕВАЖЕЧКИ ЛИВЧИЊА!

28. Како Јанкулоска му дава инструкции на Јанакиески да се поништи гласањето на избирачки места во Куманово, како што направиле во Струмица.

Еве ги следните 3 снимки.

Последниот сет разговори обелоденува класична злоупотреба на институциите за партиски цели.
29. Налог на Ирена Мишева, од Бордот на директори во Т Мобиле, која беше ставена од ВМРО-ДПМНЕ за претседавач со Советот на Град Скопје, ЗАМИСЛЕТЕ, ДА ИСКЛУЧИ ТЕЛЕФОН НА СДСМ НА ДЕН НА ИЗБОРИ!
30. Како Гордана Јанкулоска, уште поскандалозно, признава дека спратот во МВР каде што таа министерува е претворен во, цитирам: “МЕСЕН КОМИТЕТ НА ВМРО-ДПМНЕ“, а амбасадорите се примале во друга сала, за да виделе дека “`СЕ Е ОК“!
31. Како Јанакиески бара од Спиро Ристовски да се завршела работа за “проблематични“ пензии
32. Како институциите како МВР се претворени во штабови

33. Како Јанкулоска мести Кривична пријава за СДСМ

34. Како Јанкулоска и Никола Тодоров договараат “со каков тон“ да оделе за изборите, дали имало или немало инциденти

35. Како Гордана Јанкулоска договара со Васил Пишев изборни резултати за Струмица, да не се потпишувале записници каде што било “тенко“ а во втор круг “за уши“ ќе ваделе

36. Како Јанкулоска лично вели дека Ромите ќе се изнесувале “за уши“

37. Како Јанкулоска договара со Јанакиески поништување гласови во Центар, бидејќи губат

38. Ќе слушнете и дрска, нечовечка закана по живот за претседателот на Фудбалска федерација и неговото семејство, кое можело да се најде, ВО ЕНДЕК, се поради партиска промоција и партиски интерес.

Слушате почитувани граѓани и претставници на медиумите со кого си имаме работа. Слушнавте и кои се дел од луѓето кои му помагаат на Груевски и се соучесници во овие незаконски и неуставни активности на ИЗБОРНИ ФАЛСИФИКАТИ, МЕСТЕЊА И КЛЧАСИЧНИ ИЗБОРНИ ГРАБЕЖИ.

За изборните криминали ќе слушате во неколку циклуси. Има уште пострашни и уште понезамисливи работи од овие на коишто сте сведоци денеска.

Веројатно сега се јасни ставовите на СДСМ за се што се случува во државата, а ќе станат уште појасни, ако воопшто веќе има минимум дилема за оваа власт предводена од криминална група на чело со Груевски и неговиот братучед Мијалков.

Ве поканувам во вторник да дојдете во Универзална сала во Скопје кога ќе бидат презентирани најзначајните, најдрските и најбезобразните примери на грабеж на изборните процеси од страна на Никола Груевски и неговите соработници.“ – истакна Заев.

unnamed1