Жерновски: Паѓале договори за бришење докази и нудење поткуп

Прес конференција,
Андреј Жерновски, градоначалник на Општина Центар
Скопје, 12.03.2015 година

Почитувани,

„Човечињата за рака“ од Пустец, сите ние ги видовме, тие се најдоа и во Извештајот на ОБСЕ, ама последно и слушнавме, и тоа лично од Груевски и неговите соработници, колку важна улога имале овие донесени според нив “човечиња“ во општина Центар.

 Општина Центар, и на Груевски и на Мијалков и на целиот нивен тим, им била најсветото нешто што може и мора да се добие, поради проектот Скопје 2014 тежок над половина милијарди евра, и скривање на направениот криминал, којшто ние го констатиравме преку извештаите коишто ги дадовме, пративме до Јавниот обвинител и сакам да кажам и денеска, немаме никаков одговор од Јавното обвинителство.

Од денешната прес конференција тоа на сите ќе стане ни уште појасно. Што `се правеле и Груевски и Мијалков и неколкумина нивни соработници: во текот на првиот изборен круг, за да има други изборни кругови, па и дури откако Груевски со “човечињата“ ги загуби изборите во општина Центар.

Денеска ќе обелодениме нови докази за злоупотреби од страна на власта на Никола Груевски, ПА ДУРИ ДО ОБИДИ ЗА НУДЕЊЕ ПОТКУП НА СОВЕТНИЦИ, со цел да се блокира Советот на општината, откако стана јасно дека кандидатот на Груевски ги загуби изборите во општина Центар.

Во првите 2 разговора ќе слушнете:

1. Само еден од примерите за фантомски гласачи за кои ни Јанкулоска не знае повеќе каде да ги смести и како Гордана Јанкулоска измислува изговори да не го прифати разговорот што го побарав со неа, во врска со Избирачкиот список, токму поради вакви очигледни манипулации.

2. Ќе слушнете како министерот за транспорт, Миле Јанакиески, го ставил и движењето на лифтовите по зградите под своја контрола, па издавал налози да се гасат лифтови за старите луѓе да не можат да се спуштат “од 15 кат“.

Во следниот сет разговори ќе слушнете, како што и самите велат, што `се правеле Груевски и неговите соработници, откако со нарачани неважечки ливчиња ја оспорија мојата победа во првиот изборен круг и им требаа уште два круга за да сфатат дека во Центар – не поминуваат.

3. Ќе слушнете дека на Јанакиески и на Мијалков не им требале лифтови за да се спуштат до дното. Јанакиески за луѓето од зградите кај Бристол вели, замислете, дека ќе ги “затворел“ оти тие направиле “голема разлика“

4. Ќе слушнете како Јанакиески договара со заменичката во правда да добие Избирачки список, за да виделе кој гласал, а кој не, со цел да им прават притисоци на луѓето

5. Како Јанакиески договара со Ирена Мишева како претседавач со Советот на Град Скопје, да им прави притисоци на наставниците, да носат и други со нив, кои ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ

6. Како Груевски жали колку “преспанците ќе завршеле работа“

7. Како Груевски и Мијалков нарачуваат неважечки ливчиња во Центар за да има втор круг.

Некои од овие разговори во пократка форма ги слушнавте кога го објавивме изборниот грабеж, но слушнете што се случувало.

Почитувани граѓани,

Последниот сет разговори ќе го открие она што сите го претпоставувавме, дека после трите изборни пеколни кругови за Груевски и соработниците и загубата на изборите, тие ќе се обидат да бришат докази од компјутерите во општината. Отишле дури и до нудење поткуп!

Еве го последниот сет од 4 разговори.

8. Ќе слушнете како Груевски, дури и откако ги изгуби изборите, нервозно прави притисок врз Тодоровиќ да не го признае поразот

9. Како Јанкулоска и лице од општинската администрација во Центар договараат бришење на, цитирам, “`се од хард дисковите на комјутерите“

10. Како најголемиот пропагандист на власта, Драган Павловиќ Латас му ветува на Сашо Мијалков дека ќе ме “стават во машина“ откако станав градоначалник, и `и двајцата зборуваат за форми за обезбедување мнозинство во Советот на општината, со што би ја блокирале работата и на градоначалникот и на општината воопшто

11. И на крајот ќе го слушнете тој неуспешен обид што го заговараат Миле Јанакиески и Сашо Мијалков: на советник од опозицијата да му ја легализираат куќата, па и да му плателе што треба за легализацијата “200 – 300 илјади“ како што велат, што е класичен обид за нудење поткуп!

Почитувани граѓани и претставници на медиумите,

После ова не знам дали требаат уште докази за да сфатиме со кого имаме работа.

Овој фалсификат не помина во Центар бидејќи граѓаните му се спротивставија одлучно и решително. Но за жал очигледно станува збор за еден модел што функционирал и во останатите делови на државата, модел што функционирал како на овие избори така и на други изборни циклуси.

Едно е сосема јасно, а тоа е дека повеќе Груевски нема легитимитет како и неговите соработници да ја водат оваа Влада и да ја водат оваа држава.

На крајот уште еднаш да повториме дека решението од кризата е оставка од Груевски, оставка од јавниот обвинител Зврлевски, од раководството на МРТВ и преодна Влада којашто ќе организира фер и демократски избори во Република Македонија.

Извор: www.sdsm.org.mk