Попоски: Во борбата против џихадизмот не е доволна само реакција

Во борбата против џихадизмот не е доволна само реакција. Ќе треба да се посветиме на образованието, интеграцијата и споделување на вредностите за почитување, посебно таму каде делува невозможно, доколку сакаме долгорочно да ја отстраниме оваа закана. Примерите од Париз, Копенхаген, Брисел или Тунис треба да се доволен мотив за сплотено да се бориме.

Ова го истакна во своето обраќање министерот за надворешни работи Никола Попоски во обраќањето на Конференцијата посветена на борбата против џихадизмот – обликување на политика за превенција и реакција, во формат министри за надворешни и за внатрешни работи од земјите од Западен Балкан, што се одржа денеска во Виена, соопшти МНР.

„Најтешко е да се справиме со закана од луѓе кои чувствуваат дека нема што да загубат. Тоа е заедничкиот именител за терористите и странските воини на Блискиот Исток. Само реакција нема да е доволна. Ќе треба да се посветиме на образованието, интеграцијата и споделување на вредностите за почитување, посебно таму каде делува невозможно, доколку сакаме долгорочно да ја отстраниме оваа закана. Примерите од Париз, Копенхаген, Брисел или Тунис треба да се доволен мотив за сплотено да се бориме“, заклучи Попоски.

Во фокусот на форумот беа актуелните закани и предизвици кои ги носи радикалната групација ИСИЛ, регрутирањето странски борци, размена на информации и заеднички мерки во борбата против тероризмот.

На конференцијата учесниците го истакнаа предизвикот за ефикасно спроведување со терористичките закани и неопходноста од прекуграничната соработка.

На конференцијата во Виена учествуваше и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.