Обука за управување со постојани музејски поставки и збирки и користење на новите технологии

Во согласност со една од приоритетните програмски активности на Министерството за култура за континуирано зајакнување на знаењата и вештините на музејските работници во Македонија, Британскиот совет во соработка со Министерството за култура на Република Македонија организира обука за управување со постојани музејски поставки и збирки и користење на новите технологии, со цел привлекување на публика. Обуката, која утре и задутре (23 и 24 март) ќе се одржува во „Порта Македонија“, е во функција на поддршката на проектите на Министерството за култура, кои се однесуваат на воспоставување постојани поставки и осовременување на депоата на националните музејски установи во периодот од 2015 до 2017 година.

Очекувањата се дека со обновата на поставките ќе се зголеми интересот на јавноста за посета, а со тоа ќе се зголеми приливот на сопствени средства од влезници и музејски производи, кое генерално ќе резултира со подигнување на нивото на развој на музеологијата и поквалитетна промоција на културното наследство на нацинално ниво.

Обуката е наменета за кустоси и водичи од 17 национални установи со што оваа категорија на вработени лица од областа на музејската дејност ќе стекнат дополнителни знаења и вештини во создавањето на постојаните музејски поставки, повремени изложби, односно предвидување на сите елементи и фази при создавањето на една музејска поставка, од предуслови до завршна реализација, како и примена на современа информатичка технологија при презентација на постојаните музејски поставки и нивната промоција.

Дводневната обука ќе ја реализираат консултанти од „Метафор“ од Велика Британија, кои имаат повеќе од 15 години искуство првенствено во културниот сектор, со активности кои им помагаат на институциите во областа на музејската дејност. На обуката, консултантите од Велика Британија, меѓу кои и Стивен Гринберг, како основач на „Метафор“, ќе го споделат своето искуство во работата со повеќе музеи и изложби во светот и ќе се обидат со присутните учесници да разработат примери кои би биле релевантни во локалниот контекст.