Македонија 0:0 Австралија

Фудбалската репрезентација на Македонија одигра нерешено 0:0 против репрезентацијата на Австралија во пријателскиот натпревар кој се одигра на Националната арена „Филип Втори“ во Скопје.

И обете репрезентации влегоа во овој натпревар без многу мотив и желба за надигрување. Генерално се играше на средината од теренот, со по некоја шанса и на двете страни. Во второто полувреме беа извршени повеќе замени, шанса добија сите играчи кои беа на клупата за резерви. Фаворит беше подобропласираната репрезентација на ФИФА рејтинг листата – Австралија, но за нив како да беше доволен почетниот резултат 0:0. Македонската репрезентација се обидуваше нешто да направи, но несврзаните акции брзо завршуваа, а речиси и да не стигнуваа до шеснаесетникот на Австралија.

Иако ова беше само пријателски натпревар, без разлика на слабото темпо на игра, ваков резултат претставува успех за Македонија, но не го зацврстува селекторското место на Бошко Ѓуровски кое допрва ќе биде ставено на разгледување од страна на Управниот одбор на ФФМ.

WebOhrid