На странските пазари извезени околу 140 илјади јагниња

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски во придружба на градоначалникот на Општина Прилеп Маријан Ристески, денес ја посетија реновираната кланица „Гуде смит“ во село Мажучиште. Целта на посетата беше согледување на состојбата со извозот на јагнешко месо на странските пазари.

„Од шест кланици во Македонија досега на странските пазари, Италија, Црна Гора, Хрватска, Грција извезени се околу 140 илјади грла јагниња, односно 1,3 милиони килограми јагнешко месо. Бројката на извезено јагнешко месо пред Велигден е така речиси иста како и претходната година“ – истакна директорот Поповски.

Месото што се извезува од Македонија во поглед на безбедноста е на највисоко ниво и е со добар квалитет.
Тој појасни дека минатата година од болеста син јазик угинале околу 20 илјади грла овци, за кои наскоро на сточарите ќе им биде исплатена отштета.

Во кланицата инвестирани се повеќе од три милиони евра за истата да може да ги исполни европските стандарди за пласман на месо на странските пазари.

Сопственикот на кланицата Ристо Михајлов истакна дека јагнешко месо извезуваат на пазарите во Црна Гора, Србија, Хрватска, Грција и Италија. Прилепската кланица „Гуде смит“ и кланицата во Кавадарци ги исполнуваат условите за колење на јагнешко, говедско и свинско месо и двете се сестрински фирми на компанијата „Серта“.

Градоначалникот Ристески истакна дека во најскоро време се очекува да биде подобрена патната инфраструктурата која води до кланицата.

Според Михајлов, до Велигден ќе бидат извезени 20 илјади јагниња пред се на грчкиот, српскиот и црногорскиот пазар.

„Откупната цена за јагне жива мера досега е 155 денари. Годишно од кланицата излегуваат околу од 170 илјади јагниња“ – истакна тој.

При денешната посета на Прилеп директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски, во рамки на Отворените денови на Агенцијата за храна и ветеринарство, оствари средба со прилепските производители на храна, на која беше промовиран водичот за новите за означување на храната во ЕУ.

otvoreni denovi Prilep