Градоначалникот Бакрачески се сретна со учесниците на туристичката промотивна тура

Дваесетината учесници од годинашнава промотивна туристичка тура, која по втор пат ја организира Секторот за туризам и локален економски развој, денеска имаа средба со градоначалникот Никола Бакрачески. Промотивната тура ќе трае до 5 април, а гостите се претатсвници на тур- оператори и медиуми од Србија, Словенија, Русија, Бугарија, Израел, Турција, Украина, Унгарија и Австрија.

„Овој настан е резултат на новиот пристап на промоција на нашите туристички потенцијали не само во земјите од соседството, Европа, туку и во прекуокеанските земји.Оваа промотивна тура е дел од таа определба, бидејќи сме убедени дека се она што ќе го видите, почуствувате или вкусите ќе биде дел од една охридска приказна која ќе им ја пренесете на потенцијалните туристи, читатели и на вашите блиски и пријатели“. – рече на средбата градоначалникот Никола Бакрачески.

Градоначалникот додаде дека, се очекува учесниците на промотивната тура по престојот во Охрид да договорат аранжмани, а медиумите да објават репортажи преку кои на нивните гледачи и читатели да им ги презентираат убавините на нашиот град и поширокиот регион.

Раководителот на Секторот за туризам и локален економски развој Ѓоко Апостолов рече дека како и минатата година и оваа година од промотивната тура очекува позитивни резултати.

„По престојот во Охрид и поширокиот регион, минатата година не само што беа склучени нови туристички аранжмани, туку имаше и голем медиумски одзив. Така, една од најгледаните турски сателитски телевизии сними пет репортажи во траење од по 40 минути, кои во текот на секоја недела беа репризирани и по неколку пати“. – рече Апостолов.

„Имате прекрасно езеро се надевам дека деновиве ќе имаме можност да ги видиме убавините на Охрид и дека во иднина ќе продолжи нашата соработка“, – изјави Илкнур Ешсис од Истанбул, претставник на групацијата Груп Медиа, во чии рамки функционира една телевизија и се издаваат десетина списанија.

„Сметам дека Охрид има многу што да им понуди на гостите од целиот свет и дека нашите граѓани ќе сакаат да го посетат вашиот град“. – вели Жанин Литмановиц, тур оператор од Израел.

Во програмата на промотивната туристичка тура, како што потенцираа од Секторот за туризам и локален економски развој, годинава посебно место има презентацијата на руралниот и другите видови алтернативен туризам.