Болестите поврзани со консумирање небезбедна храна претставуваат еден од најзначајните актуелни јавни здравствени проблеми на глобално ниво, а мотото на овогодинешниот Светски ден на здравјето е „За безбедна храна, од нива до трпеза”. Според препораките на Светската здравствена организација (СЗО), Светскиот ден на здравјето 2015 е посветен на безбедноста на храната.
„Радува фактот дека и оваа година Република Македонија активно се вклучува во кампањата за одбележување на Светскиот ден на здравјето. За нас, но и за сите останати вклучени и одговорни чинители во синџирот на безбедноста на храната, годинашното мото на Светскиот ден на здравјето е уште поголем мотив за зајакнување на постоечката, исклучително голема и високо професионална соработка. Особено нам, на одговорните институции на системот, чија примарна обврска е да го имаме здравјето на граѓаните секогаш во фокусот на вниманието“ – рече на прес – конференцијата која по повод одбележување на Светскиот ден на здравјето 7 Април, се одржа денес во Институтот за јавно здравје на Република Македонија.
Поповски истакна дека оваа тема е од исклучително голема важност сега кога современиот начин на живеење диктира брзо темпо, а тоа, додаде тој, неминовно ја наметнува обврската за засилување на превентивните активности со кои на граѓаните не само што ќе им се гарантира, не само храна во доволни количини, туку пред се до безбедна храна и вода за пиење. “Од еднакво голема важност, кога станува збор за безбедноста на храната и здравјето на граѓаните е и спречувањето и искоренувањето на заразните и преносливите болести од животните на луѓето” – додаде тој. Институционалната соработка на Агенцијата за храна и ветеринарство со министерствата за здравство, за земјоделство, за животна средина и просторно планирање, со Институтот за јавно здравје, со Факултетот за ветеринарна медицина и другите институции, според Поповски, многу пати досега потврди дека исклучително високото и професионално ниво во соработката се клучни секогаш кога е потребно преземање на конкретни мерки кога е загрозена или нарушена безбедноста на храната, на водата за пиење и кога постои реална опасност за здравјето на луѓето. Тоа, истакна тој, го потврдуваме со секојдневната соработка и денес, исто како и во минатото.
„Остануваме на определбата дека воспоставената соработка на сите институции вклучени во борбата за безбедна храна мора да продолжи, но и да се засили и продлабочи во насока на уште поголемо јакнење на соработката со бизнис секторот, невладините организации и граѓаните. За досегашната плодна соработка на полето на подобрување на безбедноста на храната, ја користам оваа прилика да им се заблагодарам на сите вклучени институции, на бизис секторот со кој континуирано работиме на подобрување на безбедносните системи за безбедност на храната, на примарните производители, но и на граѓаните, чија свет за оваа исклучително важна тема во светски рамки и во Република Македонија, од година во година е се поголема“– заклучи тој.
На Светскиот ден на здравјето 2015 година, Регионалната канцеларија на СЗО за Европа проценува дека зачестеноста на болестите кои се пренесуваат преку храна е многу повисока отколку што се пријавува во моментот и ја нагласува потребата од подобрување на соработката меѓу секторите со цел намалување на здравствените ризици поврзани со небезбедна храна.
„Здравјето во 2020 година, европската политика за здравје и благосостојба, повикува на ефикасна комуникација, размена на информации и заедничко дејствување како и во земјата, така и на меѓународно ниво, меѓу јавното здравство, ветеринарниот и земјоделскиот сектор. Ова ќе биде долг пат кон обезбедување на побезбедна храна во нашите чинии” e пораката на д-р Сузана Јакаб, Генерален директор на Регионалната канцеларија на СЗО за Европа по повод Светскиот ден на здравјето 2015.
На Светскиот ден на здравјето 2015 година, СЗО за Европа проценува дека бројот на заболени лица со болестите кои се пренесуваат преку храна е повисок отколку што се пријавуваат во моментот и како што истакна директорот на Институтот за јавно здравје Шабан Мемети се нагласува потребата од подобрување на соработката меѓу секторите со цел намалување на здравствените ризици поврзани со небезбедна храна. Од националниот систем за пријавување и евиденција на заразните болести кај населението во Република Македонија може да се види дека инфекциите предизвикани со микролошки контаминирана храна имаат променлив тренд, бактериските алиментарни инфекции и интоксикации имаат тренд на намалување, салмонелозата има тренд на пораст, но и цревните инфекции предизвикани со ешерихија коли бележат пораст што се должи на неодамна воведената законска обврска за пријавување, изјави Мемети.
Во текот на 2014 година првпат во Македонија беше евидентирана епидемија на листериоза, предизвикана со контаминирана храна која беше проследена со висока стапка на смртност. Од друга страна, додаде Мемети, бруцелозата бележи тренд на опаѓање која се должи на повеќегодишните интерсекторски напори за намалување на инциденцата на оваа зооноза.
Доцент д-р Гордана Ристовска, началник на Одделението за безбедност на храната во Институтот за јавно здравје потенцира дека здравствениот и земјоделскиот сектор можат да превенираат заразни и незаразни заболувања, антимикробрана резитенција, да го поддржат одржливиот развој и да му овозможат на населението како во урбаните така и во руралните средини да имаат пристап до безбедна и нутритивно адекватна храна.
Болестите поврзани со загадена храна со бактерии би можеле да се превенираат со примена на пет клуча за побезбедна храна и тоа со одржување на хигиената, со одделување на сировата од подготвената храна, со темелно подготвување на храната, нејзино чување на безбедни температури и користење безбедна вода и свежи продукти.
Во 2014 година во Македонија имало регистрирано 909 алиментарни инфекции и интоксикации, 204 салмонелози, 162 инфекции со ешерихија коли и 40 случаи на бруцелоза, рече Ристовска.
Посочи на случајот со епидемија на ешерихија коли во Европа во 2011 година кој имаше не само здравствен туку и економски импакт. Епидемијата, според истражувањата, била предизвикана од контаминирани никулци од Египет, а пријавени биле заболени лица од 14 земји во Европа и две во Северна Америка, 55 лица починале како последица на оваа бактерија, а загубата за фармерите и прехранбената индустрија се проценува на 1,3 милиони американски долари.