Претседателот Иванов присуствуваше на Велигденската воскресна литургија во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, со сопругата г-ѓа Маја Иванова, денеска во Соборниот храм „Св. Климент Охридски” во Скопје присуствуваше на Велигденската воскресна литургија со која чиноначалствуваше Поглаварот на МПЦ-ОА, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

Македонскиот претседател на сите православни верници им го честиташе најголемиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден и им посака многу здравје, среќа, љубов, духовен мир и меѓусебно почитување.

„Посакувам овие празнични денови да ги поминеме во духовен мир, семејна хармонија и слога, да им посветиме должно внимание и почит и да ги даруваме со многу радост и многу љубов нашите семејства, нашите пријатели, нашите соседи. Во духот на нашите традиции да ги почитуваме сите оние вредности што ни овозможиле да опстојуваме низ векови и да се соочуваме со сите предизвици. Христос Воскресе, навистина Воскресе”, изјави претседателот Иванов.