Во Охрид најавена радосната вест за Воскресението Христово

Православните христијани од целиот свет го слават Христовото Воскресение, ден кој што е еден од најголемите христијански празници.

Илјадници граѓани, гости и туристи вечерва во сите цркви во Охрид дојдоа да ги слушнат звуците на камбаните кои на полноќ го означија Христовото Вокресение – Велигден.

Така беше и во Црквата Св.Никола Долна Влашка Маала и во црквата Св. Богородица – Каменско, каде што река од православни верници, го дочекаа Христовото Воскресение и со запалени свеќи во рацете, со молитви за здравје и благосостојба, со кршење на велигденските јајца и секако со поздравот Христос Воскресе, Навистина Воскресе.

Централната воскресна богослужба во Охрид се одржа во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ – Плаошник, каде што чиноначалствуваше Митрополитот г. Тимотеј.

Денес ќе се одржи литургија во црквите „Св. Богородица“ – Каменско, и „Св. Ѓорѓија“, со почеток во 8:00 часот.

Исто така, вечерна Архиерејска богослужба, едноцрквие ќе се одржи во црквата „Св. Софија“ – Охрид, со почеток во 17:00 часот.

Ќе има и Второ Воскресение со читање на Светото Евангелие на повеќе странски јазици, и делење на велигденски јајца.

За многу години нека ни е празникот! Христос Воскресе, Навистина Воскресе!

WebOhrid