Еколошкото друштво „Грашница“, Охрид во рамките на проектот „Поврзување на луѓето со природата – зајакнување и вмрежување на граѓанските здруженија во Македонија” денес во с. Завој организираше настан – јавна расправа и практична презентација за зачувување на автохтоните сорти овошја на подрачјето на Илинска-Плакенска Планина.
Проектот се спроведува веќе втора година од Македонското еколошко друштво (МЕД), Скопје во партнерство со еколошко друштво „Грашница“ и организацијата Арт поинт Гумно од с. Слоештица, Демир Хисар.
„На настанот присуствуваа 30 калемари од охридскиот регион како и од Демир Хисар и ученици од СОУ „Крсте Петков Мисирков“ од тој град. Гостин на настанот беше проф. д-р Тошо Арсов од Катедрата за овоштарство од Факултетот за земјоделски науки и храна и Наталија Меловска, дипл. биолог, претставник од Македонското еколошко друштво, како носител на проектот.
На настанот калемарите се здобија со дополнителни искуства за калемење и зачувување на старите автохтони сорти круши и јаболка преку практична презентација на стебла од јаболка и круши. Радува фактот што калемењето како древна вештина ќе ја наследат млади калемари од Охрид и ученици од средното училиште во Демир Хисар.“ – велат од ЕК „Грашница“ Охрид.
Слични теренски настани за зачувување на биолопката разновидност беа организирани и изминатата година.