Викендов во Охрид се случуваше настан кој успеа да собере на едно место голем број на млади, талентирани и способни студенти, професионалци од академските води и бизнис секторот, претставници од ИТ компании, инспиративни говорници и 32 часови непрекинато кодирање под мотото „Истрага на местото на кодирањето“. Codefest во своето трето и досега најдобро издание, зрачеше со енергија и позитивни вибрации меѓу учесниците, организаторите и волонтерите и сите кои беа присутни на настанот.
Во текот на настанот имаше разновидност од работни сесии, забавни активности, дискусиони панели на разни теми, говори, презентации и што е најважно, одлично реализирани демо продукти од страна на тимовите. Особено инспиративен беше говорот на Ербил Караман, продукт менаџер во Facebook Лондон, кој успеа да собере огромна публика која на нозе и со силен аплауз го поздрави неговиот мотивационен говор. Доста инспиративно обраќање имаше и Асиф Раџа, основач и генерален менаџер на Mindmakr, британска компанија, платински партнер на настанот, со работно искуство во компании како Apple. Марко Чаласан, македонскиот компјутерски гениј, ги мотивираше тимовите со свое обраќање пред почетокот на финалните презентации.
Меѓу идеите кои се презентираа на Codefest оваа година можеше да се забележи разновидност на општествено применливи идеи кои имаат вистинска можност да се реализираат и да станат реални продукти кои ќе им помагаат на луѓето.
Победниците повторно ја однесоа првата Нинџа Награда во Битола, тимот Togepi Crew кој во малку поразличен состав и под друго име победи и минатата година. Овојпат се претставија со едукативна augmented reality апликација преку која фотографиите од школските учебници преминуваат во 3Д модели со цел да се олесни учењето. Второто место на Codefest го освои тимот Coding Mates кои развиваа веб софтвер преку кој пациентите можат директно да комуницираат со доктори и самите непосредно да си закажуваат прегледи. Трето наградени беа Developer’s Case, тим кој развиваше иновативно решение, комбинација на хардвер и софтвер со помош на кој би се намалил бројот на незгоди во сообраќајот преку вградени сензори во возилата и сигнализацијата.
Покрај овие, награди се доделија и во категориите Иноватор, најдобра бизнис апликација, Нинџа талент, најдобро веб решение, најдобра мобилна апликација, најдобар дизајн, итн. Особено интересна беше апликацијата Betty, која претставува систем со препораки за обложување на паметен начин.
Организаторите на настанот велат дека сеуште се под импресии и дека се задоволни од целокупниот исход и тек на настанот кој од година во година преминува во се посилен бренд.