Во Струга се одржува обука за изработка на локални младински стратегии за општинската администрација

Од 24-ти до 26-ти април во Струга се одржува обука за локалната администрација од општините Гази Баба и Бутел за водење на процесот за изработка на локалните младински стратегии за двете општини. На обуката се дефинира методологијата за изработка на локалните младински стратегии согласно со прирачникот за креирање на локални младински стратегии, во издание на Коалиција СЕГА. Во рамките на проектот и активностите кои беа реализрани до сега, идентификувани се состојбите, потребите и приоритетите на младите во општините Гази Баба и Бутел, врз база на фокус групи со млади и анкети спроведени на репрезентативен примерок за двете општини

Оваа обука која се реализира во Струга во рамките на проектот „Креирање на Локални Младински Стратегии“ кој го спроведува Коалиција на младински организации СЕГА во партнерство со Интеркултура – Скопје и Волонтерски Центар Скопје, и се реализира со финансиска поддршка од Генералниот Секретаријат на Владата на Република Македонија. Целта на проектот е да се зголеми активното учество на младите во политичкиот, социјалниот, економскиот и културниот живот во локалната заедница преку изготвување на локални младински стратегии во општините Гази Баба и Бутел.

„Постоењето на квалитетна младинска политика на локално ниво може да донесе вистински бенефиции и промени во секое општество.  Сметам дека овие младински стратегии значително ќе придонесат кон подобрување на секојдневното живеење на младите луѓе во овие општини.“– истакна извршениот директор на Коалиција на младински организации СЕГА, Зоран Илиески.

„Обуката ја оценувам како многу корисна, бидејки изработката на локалната стратегија ќе помогне да на младите им се подобрат условите за делување во локалната заедница и општеството. Помагајќи им да бидат активни во сите севери на општественото живеење ќе се допринесе за поголем развој и успех на општеството, бидејќи младите се двигател на сите позитивни промени“.- рече Лијлјана Гаџовска, Раководител на одделение за јавни дејности – Општина Бутел.

Коалицијата на младински организации СЕГА е формирана во 2004 година со цел да придонесе кон процесот на креирање и имплементација на Националната стратегија за млади на Р.Македонија и да помогне во исполнување на потребите на младите. Коалицијата ја сочинуваат 29 членки.

Obuka_Struga_strategija