Македонија дел и од новата програма „Креативна Европа“

Македонија во изминатите години активно партиципираше во програмата на ЕУ „Култура 2007-2013“, препознавајќи ја оваа платформа како извонредна можност за македонските културни оператори активно да се вклучат во креирањето на заедничкиот европски културен простор. Успешноста на програмата и поддржаните 59 проекти (32 за книжевни преводи) докажаа дека културниот сектор во државава ги следи европските трендови и поседува капацитет за висококвалитетен концепт кој треба да и се понуди на македонската јавност.

Ова денеска го истакна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во обраќањето на Инфоденот за програмата „Креативна Европа на ЕУ“ и рече дека Македонија се приклучи и кон новата програма на ЕУ „Креативна Европа“, која предизвика голем интерес кај македонските културни оператори и дека досега се одобрени 13 проекти на македонски операторите во категориите – мрежи и платформи.

„Програмата „Креативна Европа“, со потпрограмите „Култура“ и „Медиа“, ќе им овозможи на македонските уметници и културните работници да ја развиваат својата соработка со најрелевантните европски институции од областа на културата, да ги зајакнат транснационалните и интеркултурните аспекти на своето творештво“ – рече Канческа-Милевска.

Таа ја истакна важноста на уште еден значаен приоритет зацртан во програмата, а тоа е подигнувањето на свеста на јавноста за иновативни проекти со европска димензија, што претставува долгорочна стратегија на ЕУ.

„Наша цел е македонскиот креативен сектор активно да учествува во оваа програма и во нејзината имплементација и во таа смисла, минатата недела Владата усвои акциски план со прецизно зацртани термини во организација на информативни настани преку кои во повеќе градови во Македонија до крајот на годинава ќе се промовираат бенефитите и можностите на програмата „Креативна Европа“. Убедена сум дека преку овие заеднички јавни настани, тематски работилници и дискусии на кои ќе бидат присутни и претставници и на канцелариите за Креативна Европа на некои од земјите на ЕУ, ќе придонесеме за посинхронизирана промоција на програмите на ЕУ“ -додаде Канческа-Милевска.

Директорката на Францускиот институт во Скопје, Изабел Марш Барбо, рече дека заедно со Амбасадата на Франција се приклучиле кон организирањето на Инфоденот за програмата „Креативна Европа на ЕУ“.

„Креативна Европа“ за нас е движечка сила затоа што тоа е најдобриот начин за промовирање дијалог меѓу цивилизациите. Проектите што ќе ги водиме заедно во рамките на областа култура треба да бидат осмислени почитувајќи ги различностите, но и комплементарноста на нашите активности. Во Европа културата претставува богатство, културно филозофско богатство. Културата денеска, исто така, создава економско и социјално богатство“ – посочи Изабел Марш Барбо.

Креативните програми, нагласи таа, создаваат работни места, музичката индустрија, кинематографијата се области кои ги нарекуваме креативни индустрии и затоа секогаш правете асоцијација меѓу креативните индустрии и вработувањето на младите.

„Програмата „Креативна Европа“ во професионалната област овозможува да организирате обуки за уметниците, за творците со цел да се развиваат вештините на операторите, на здруженијата, сите оние што работат во областа на културата и со помош на Европа ќе најдеме одлично решение за стекнување професионални вештини за младите кои утре ќе може да патуваат во Европа и чија експертиза ќе биде признаена. Повеќе земји ќе имаат можност да ги разменуваат добрите практики и верувам дека Креативна Европа и културна Европа е изградена и се темели на богатството од едните и другите“ – додаде Изабел Марш Барбо.

Лоренс Барон, национален координатор за потпрограмата „Култура“ на програмата „Креативна Европа“ и советник за анализа на културната политика во Канцеларијата за европски врски во Париз, рече дека преку програмата „Креативна Европа“ можеме заеднички да видиме како да работиме за вмрежување и да ги надминеме сите разлики.