„Драгон кунг фу“ е современа танцова компанија основана во 2006 година од кунг фу ѕвездата Џеки Чен, а на сцената на новиот театар во Велес настапи со 11-члена екипа …
„Со танцовата претстава „Kung Fu dance gateway“ на современата кинеска танцова компанија „Драгон кунг фу“ од Пекинг, Кина, изведена синоќа на големата сцена во новиот објект на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес, заврши годинашното 11-то издание на „Танц-фест“.
„Драгон кунг фу“ е современа танцова компанија основана во 2006 година од кунг фу ѕвездата Џеки Чен, а на сцената на новиот театар во Велес настапи со 11-члена екипа која во неколку сцени ги презентираше традиционалната култура и современата уметност во Кина. Тие со својот настап ја одушевија многубројната публика и неколкупати изнудија бис на сцената.
Меѓу присутните беа и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и амбасадорот на Народна Република Кина во Македонија, Зеншун Вен.
По претставата, во изјавата за медиумите министерката Елизабета Канческа-Милевска упати честитки за успешниот и ексклузивен настап на ансамблот од Пекинг и потенцираше дека Министерството за култура и во иднина ќе продолжи да ја поддржува манифестацијата за современ танц „Танц-фест“ која веќе 11 години ги претставува во Република Македонија најпознатите танцови продукции од светот.
Канческа-Милевска нагласи дека гостувањето на реномираната танцова компанија од Народна Република Кина се реализира во рамките на успешната соработка со Амбасадата на Кина во земјава и Договорот за соработка со кој во наредниот период е предвидено да се реализираат уште многу настани во двете земји со што ќе се продлабочи пријателството меѓу македонскиот и кинескиот народ.
Амбасадорот на НР Кина, Зеншун Вен, искажа благодарност до Министерството за култура кое, како што нагласи, е заслужно за ова гостување на кинескиот ансамбл во Македонија и тоа е доказ за одличната соработка меѓу двете земји.
Раководителката на „Танц-фест“, Рисима Рисимкин, рече дека аплаузот што беше даден за настапот на ансамблот од Кина говори за квалитетот на програмата што ја носат во Македонија.
„Затоа сум горда што „Танц-фест“ е секогаш чекор понапред од сите други и мислам дека во изминатите години имавме напорна програма и тој напор што го правиме е на големо задоволство на публиката“ – изјави Рисимкин.
Исто така, по повод 29 Април, Меѓународниот ден на танцот, синоќа од сцената на Театарот во Велес кореографот и танчар Маријана Дамчевска ја упати македонската порака за овој празник на танцот.