ВМРО-ДПМНЕ е партија која во последните 10 години освои девет изборни победи, во кои доби убедливата поддршка на мнозинството граѓани без ниту еден пораз, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен премиер Никола Груевски во обраќањето на 15.Конгрес на партијата кој се одржува во Куманово.
Тој додаде дека организациската и техничка инфраструктура на партијата е сериозно зајакната вклучувајќи го и новиот објект на Централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје.
„Бројот на членови нарасна на над 165.000, како никогаш во историјата на партијата. Во периодот од претходниот до овој конгрес 2011-2015, прокниживме четири изборни победи, два пати на парламентарните и по еднаш на локални и на претседателски избори. Тие победи не дојдоа ниту случајно, ниту некој ни ги подари. Тие победи се доверба и поддршка од мнозинството граѓани на Македонија“, истакна Груевски.
Поддршката од мнозинството граѓани, нагласи Груевски, доаѓа како резултат на нивното работење, држењето до дадениот збор, посветеноста, одговорноста, чесниот пристап кон работата и илјадниците проекти.
„Не дека сме безгрешни, имавме и грешки и пропусти, но покажавме најмногу од сите политички гарнитури досега,“ потенцираше Груевски.